ПРЕМИЕРА: Ова е целосно-новата Mercedes-Benz A-Класа! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ова е целосно-новата Mercedes-Benz A-Класа!

По долгата најава, Mercedes-Benz конечно ја претстави новата A-Class која доаѓа на нова платформа, со нов дизајн, нови мотори и многу нови технологии!

Со претставување на новата A-Class, луѓето од Mercedes-Benz потенцираат две работи – дека повторно се први во многу сегменти, и дека новиот компактен хечбек сега е пораснат и созреан.

Новиот дизајн е очигледна еволуција на дизајнот на претходната генерација, но пристапот е значително почист и поедноставен. Веднаш се забележува дека формите и површините се поедноставни – на предниот дел доминираат светлата кои наликуваат на оние кај новиот CLS, профилот е типичен за ваквите автомобили, а на задниот дел се истакнуваат големите задни светла. Сè на сè – дизајнот ни се допаѓа – модерен и авантгарден, без да биде вулгарен.

Можеби најважен новитет е MBUX – односно Mercedes-Benz User Experience системот. Со двата големи дисплеи поставени пред возачот, новата A-Class добива можности за интеракција и персонализација кои ги нема ниту кај големите автомобили на брендот. Скоро сите функционалности на автомобилот ќе можат да се контолираат со „природен говор“ – односно – ако ви е топло, едноставно кажете му на автомобилот. Тој ќе ве разбере и ќе ги преземе потребните чекори. Како што кажуваат од Mercedes-Benz, MBUX ќе го трансформира автомобилот во вистински паметен телефон на тркала.

Понатаму, од Mercedes-Benz кажуваат дека во возење, новата A-Class се чувствува како поголем автомобил. Всушност – ја споменуваат токму добро-познатата C-Class. Сето тоа се должи на подобрената звучна изолација и многуте доработки на шасијата, меѓу кои и подобрената торзиска цврстина. Но сличностите со големите автомобили не завршуваат тука – A-Class ќе ги добие сите системи за асистенција и безбедност кои ги има и ултра-луксузната S-Class!

Поврзано:  Новите Vito Tourer и V-Class пристигнаа во салонот на Mercedes-Benz

Новата A-Class добива и нови мотори – и приказната започнува со 1.4-литарски турбо-бензинец кој испорачува 161 коњска сила и 250 Nm вртежен момент. Овој мотор ќе се комбинира со седум-брзински автоматски менувач со двојна спојка или шест-брзински мануелен менувач. Понатаму, тука ќе се нуди 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 221 коњска сила и 350 Nm вртежен момент. Доколку сакате турбодизел, тука е 1.5-литарскот четири-цилиндерски мотор кој испорачува 114 коњски сили и 260 Nm вртежен момент. Стандардно, A-Class ќе биде со погон на предните тркала, но ќе се нуди и 4Matic систем со погон на сите четири тркала.

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.