Дали и Peugeot ќе влезе во Coupe-SUV борбата? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Дали и Peugeot ќе влезе во Coupe-SUV борбата?

Инспирирани од успехот на 2008, 3008 и 5008, Французите подготвуваат нов додаток во SUV гамата – кој нема да биде традиционален SUV, туку ќе се бори во конкурентниот (и хипер-тренди) Coupe-SUV сегмент!

Во интервју за британскиот AutoExpress, претседателот на Pugeot – Jean-Phillipe Imparato – изјави дека постои можност за лансирање на уште еден SUV во следните две години. „Се сеќавате кога пред две години рековме дека ќе лансираме 5 SUV модели за две години? Го направивме тоа – три модели во Европа и уште два во Кина. Време е да се вратиме кон нашата ДНК, а потоа ќе го продолжиме растот на нашата SUV гама – пазарот за тие модели е силен.“

Што значи тоа? Знаеме дека Peugeot оваа година ќе претстави нов голем седан – кој најверојатно повторно ќе ја носи ознаката 508, а следната година ќе дојде на ред новата генерација на 208. Според она што се најавува, новиот Coupe-SUV можеме да го очекуваме во 2020. Познавачите кажуваат дека веќе се работи на моделот, кој секако ќе биде базиран на 3008, но со сопствен идентитет. Очекувајте опаѓачка кровна линија, едноделна задна светлосна група, подинамичен преден дел – и секако, поголеми тркала. Сето ова ќе му даде на новиот модел (кој најверојатно ќе се вика 4008) уникатен и спортски лик.

Интересно е што се најавува дека овој модел ќе добие и две хибридни изведби – обете ќе користат 1.6-литарски турбо-бензинец во комбинација со неколку електромотори за вкупна системска моќност од 240, односно 300 коњски сили. Дали ова значи дека GTi ознаката на Peugeot конечно ќе стане „хибридна“?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.