full screen background image
Search

ТЕСТ: Lexus NX300h F-Sport Facelift – Многу повеќе од само дискретни подобрувања!

Популарниот хибриден SUV повторно ни беше неколкудневен сопатник – а ние ја искористивме можноста да се увериме во не-баш-незначителните подобрувања кои со себе ги носи неодамнешното освежување на моделот.


Ова не е прв пат да поминеме малку време со Lexus NX – минатата година го возевме во полуксузната Luxury изведба, а поминавме неколку дена и со директниот претходник на моделот кој сега го возевме – NX300h F-Sport. Пристапот кој Lexus го има кон луксузот ни е меѓу омилените – од несекојдневниот дизајн, па сè до беспрекорните материјали и завршна обработа – инженерите и дизајнерите на Lexus знаат одлично да го погодат „премиум моментот“ кој на многу други брендови им се чини надвор од дофат.

Сепак – денес ќе зборуваме за фејслифтиран, освежен модел и за сите измени кои доаѓаат со него – па затоа да започнеме со ред.

Дискретни визуелни измени, наменети да ја истакнат динамичноста и широчината на NX.

На самиот почеток – да зборуваме за визуелните измени. За волја на вистината, тие се дискретни – но на NX не му ни беа потребни драстични „хируршки“ зафати – тој веќе изгледа (барем во нашите очи) одлично. Ќе забележите изменети отвори за воздух на предниот браник, целосно нови LED предни светла, редизајниран заден браник и за нијанса пошироки задни светла со изменета графика. Сето ова е со цел да се потенцира широчината и динамичноста на хибридниот SUV – и во нашите очи, сега изгледа уште подобро – особено во оваа храбра, сина боја на тестниот автомобил.

Значително модернизирање на ентериерот

Исто како и екстериерот – и ентериерот добива освежување, но тука разликите се позначителни. Веќе на „прво седнување“ забележавме дека NX добива целосно-нов мултимедијален уред кој влече потекло од поголемите (и уште полуксузни) модели на брендот, а поработено е и на модернизирање и осовременување на командите за клима уредот. Сè на сè, кабината го задржува она чувство на солидност, квалитет и цврстина – но сега сè е во помодерен и посовремен дух. Особено ни се допаднаа новите „прекинувачи“ за клима уредот, но и новиот touchpad за интеракција со инфозабавниот систем кој е навистина интуитивен и лесен за користење – особено во движење.

Поврзано:   Половина од продадените автомобили на Toyota во Европа оваа година се хибриди!

Инаку – како што и очекуваме од еден Lexus со F-Sport ознака – добиваме фантастични, контурирани спортски седишта кои покрај тоа што се идеално-комфорни нудат и одлична странична поддршка. Сите можни површини се покриени со квалитетни материјали, а нивото на завршна обработка е – едноставно – беспрекорно. Задната клупа повторно лесно ќе собере двајца (или тројца) патници кои ќе имаат доволно простор бидејќи нема традиционален „тунел“ кој минува низ автомобилот, а багажникот продолжува да нуди меѓу 475 и 1520 литри зафатнина.

Освежувања има и „под кожата“ – поработено е на суспензијата на хибридниот SUV, па сега значително помалку се чувствува неговата тежина. F-Sport пакетот значи дека NX добива спортска суспензија, а тоа пак значи дека можеме да очекуваме (и дека добиваме) динамично управување и држење во свиоци. Значително е намалено чувството на префрлање тежина од една страна на друга во свиоци, а тоа го прави управувањето понеутрално – а со тоа и поспортско. Одлично-завршена работа на инженерите на Lexus!

Докажано хибридно срце!

Секако, срцето на Lexus NX300h е добро-познатиот хибриден погон кој комбинира 2.5-литарски атмосферец со два електромотори. Резултат на сето ова се вкупно 197 коњски сили, кои пак му овозможуваат на големиот SUV да забрза до 100 километри на час за 9.2 секунди и да постигне максимални 180 километри на час. Инженерите на Lexus му посветиле внимание и на моторот и на менувачот – кои сега се рекалибрирани за да работат уште подинамично, а истовремено да ја намалат потрошувачката.

Она што навистина радува е економичноста – во градски услови потрошувачката на бензин во секојдневно возење ќе биде некаде околу 8 литри на 100 изминати километри – но научете како вистински да го користите хибридниот погон, па таа можеби ќе се спушти и под таа граница.

Поврзано:   Lexus ќе ги замени обичните со дигитални ретровизори кај седанот ES

Голем, но не преголем во град, комфорен на отворен пат

Големиот хибриден SUV лесно се снаоѓа во градски услови на возење – иако е прилично голем, NX е маневрабилен, а паркирањето и „буткањето“ по тесни улички го олеснуваат сензорите и паркинг камерата. На отворен пат веднаш се забележува подобрувањето во однос на звучната изолација, па сега и на повисоки брзини NX е тивок и комфорен. Спортската суспензија на F-Sport изведбата би можела за некои да биде прецврста – но нам ни се допаѓа, а ако сакате покофморна изведба тука се Business, Luxury или President варијантите.

NX одлично ја испорачува онаа уникатната страна на Lexus

Се наметнува заклучокот дека инженерите на Lexus ги послушале забелешките од купувачите и автомобилските медиуми и посветиле внимание токму на оние места каде беше најпотребно. Рекалибрираниот хибриден погон, модернизираниот ентериер и доработената звучна изолација го издигнуваат NX300h меѓу најдобрите во класата – и во ред, ќе признаеме дека дизајнот не е по сечиј вкус, но нам навистина ни се допаѓа – во морето на стерилни конкуренти, дизајнот на Lexus едноставно го издвојува NX глава и рамења над другите.

Она што повторно мораме да го напоменеме е дека Lexus како со сите свои хибридни модели, па така и со NX300h наметнува еден опуштен, дефанзивен стил на возење кое повеќе им прилега на зрелите возачи кои „ги надраснале“ тинејџерските нагони за агресивно возење и едноставно сакаат да уживаат во релаксираноста, рафинираноста и комфорот кои еден ваков автомобил ги нуди. Lexus своето присуство не го најавува со агресивност, туку со несекојдневен дизајн, врвна изработка и неизбежна аура на јапонска прецизност.

Поврзано:   Утринска Гимнастика: Lexus LC500 и неговиот атмосферски V8 врескаат во катна гаража.

Едноставно, спуштете се во одличните спортски седишта, пуштете ја омилената музика на (земјо-поместувачкиот) аудио уред и уживајте во јапонската луксузна обвивка. Токму тоа е најпривлечната страна на Lexus – а освежениот NX идеално ja испорачува.

  • 2.5-литарски атмосферски бензинец + два електромотори
  • Моќност на бензинскиот мотор: 155 коњски сили
  • Системска Моќност: 197 коњски сили / 5700 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 180 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.2 секунди
  • Должина: 4360 mm
  • Ширина: 1869 mm
  • Висина: 1646 mm
  • Тежина: 1785 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2660 mm
  • Багажен простор: 475– 1520 литри
  • Потрошувачка: 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Lexus NX300h Business FWD – 43.000 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Lexus NX300h F-Sport AWD – 54.000 Евра
    Повеќе информации: Toyota.com.mk


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.