Ford го искористи „домашниот“ саем во Детроит за да го прикаже новиот Mustang Bullit кој оддава чест на легендарниот филм со Стив МекКвин преку уникатни детали и 475 коњски сили!
Новиот Bullit доаѓа со надграден 5-литарски V8 кој во оваа конфигурација испорачува моќни 475 коњски сили и 570 Nm вртежен момент – доволни да го забрзаат мускулестиот автомобил до максимални 263 километри на час. Меѓу другото, купувачите ќе добијат мануелен менувач чија рачка е како топка за билијард, а ќе добијат и уште многу, многу дополнителна опрема.
Mustang Bullit ќе го препознаете и по уникатниот звук кој доаѓа од специјалниот систем за издувни гасови, но и специјалниот систем за „дишење“ кој се вградува во овој модел. Ќе можете да одберете меѓу Shadow Black и Dark Highland Green бои (ние би ја препорачале втората, секако), а дел од пакетот се и дискретни хромирани детали, 19-инчни тркала, црвени брембо сопирачки и уникатна маска на ладилникот.
Ако се прашуваме ние, ова е одличен начин да се оддаде почит и кон Стив МекКвин, и кон легендарниот филм, но и кон историјата на Ford Mustang.









