Супер-луксузниот Lexus LC500h претставен во Македонија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Супер-луксузниот Lexus LC500h претставен во Македонија

Спортското луксузно купе на јапонскиот премиум производител Lexus денес беше претставено пред македонските медиуми.

Според она што го кажуваат луѓето од Lexus, луксузното купе кое ја носи ознаката LC е олицетворение на новата архитектура на брендот која ветува исклучителни перформанси и динамика. Ние мораме да додадеме дека LC500h изгледа вонземско, како да потекнува од друга планета и дефинитивно се издвојува од скоро сè друго на нашите улици.

Серискиот автомобил е базиран на LF-LC концептот од пред неколку години, и  има задржано многу од екстравагантните детали. Во понудата се две изведби – верзијата LC500 која користи 5-литарски атмосферски V8 кој испорачува 477 коњски сили и 540 Nm вртежен момент, како и хибридниот LC500h кој комбинира 3.5-литарски атмосферски V6 со електромотор за вкупно 360 коњски сили – и забрзување до 100 километри на час кое трае помалку од 5 секунди. Интересен новитет кај LC500h е и Multi-Stage Hybrid трансмисијата која нуди интересна комбинација од CVT менувач и конвенционален автоматски менувач.

Истовремено, нашите пријатели од Toyota Автоцентар се пофалија дека е пристигнат и фејслифтираниот Lexus NX300h. Со освежувањето, популарниот хибриден SUV добива затегнати линии, редизајнирани светлосни групи со LED технологија, новитети во ентериерот во однос на достапни технологии, како и доработки во однос на рафинираноста и звучната изолација.

Новиот LC500h во моментов е изложен во салонот на Toyota Автоцентар и ќе биде достапен за разгледување и тест-возење до оваа Сабота – а ние веќе имавме можност да го возиме големото луксузно купе и утре ќе ви ги пренесеме нашите впечатоци.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.