Lamborghini Terzo Millennio – Иднината според Lamborghini и MIT! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Lamborghini Terzo Millennio – Иднината според Lamborghini и MIT!

Во соработка со легендарниот Massachusetts Institute of Technology, италијанскиот производител подготви концепт кој е дизајниран за третиот милениум и ја најавува иднината на Lamborghini!

Соработката на Lamborghini и можеби најдобриот институт за модерни технологии и компјутерски науки во светот резултира со концепт кој не само што е изграден околу ултра-лесна структура, туку користи напреден електричен погон и има исклучително аеродинамичен екстериер – без притоа да ги изгуби карактеристични форми и елементи на италијанскиот бренд.

За придвижување, Terzo Millennio користи четири електромотори кои се напојувани од супер-кондензатори и уреди за складирање енергија вградени во самата каросерија на концептот. Според Lamborghini, автомобилот би користел карбонски нано-цевки и супер-тенки батерии кои можат да бидат моделирани во различни форми и поставени меѓу два панели. Понатаму, кажуваат дека полнењето би се одвивало брзо, а дел од приказната е и напреден систем за регенерирање на енергијата.

Со цел да се заштити автомобилот од пукнатини и кршење на панелите, Lamborhini и MIT работат кон развивање карбонски влакна кои би можеле самите да се поправаат. Како што објаснуваат од Lamborghini, автомобилот цело време ќе се надгледува самиот себеси и ќе бара знаци на оштетување – и ако пукнатина е забележана „микро-канали полни со хемикалии за заздравување“ би се употребиле за да се поправи оштетениот панел или компонента.

Секако, овие технологии се футуристички – и најверојатно нема да ги видиме во сериски автомобил во блиска иднина – но соработката меѓу Lamborghini и MIT е значителен знак, а од Lamborghini веќе потврдија дека некои комшоненти се блиску до станување реалност.

Поврзано:  Грамофонот Technics SL-1200M7B е направен во соработка со Lamborghini!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.