Следниот Peugeot 2008 пристигнува во 2019 – ќе биде полесен, поголем и електричен! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Следниот Peugeot 2008 пристигнува во 2019 – ќе биде полесен, поголем и електричен!

Следната генерација на популарниот француски кросовер ќе пристигне за само две години – и за прв пат ќе се нуди и како целосно-електрично возило.


Peugeot 2008 е на пазарот веќе четири години, а минатата година доби и фејслифт (ние го возевме освежениот 2008 на почетокот на оваа година). Целосно нова генерација на популарниот француски кросовер се очекува да пристигне за две години, и со себе да донесе многу новитети.

Новиот 2008 се очекува да биде поставен на целосно нова платформа, развиен во соработка со партнерите на PSA. Тоа значи дека покрај традиционалните турбо-бензински и турбодизел изведби, за прв пат 2008 ќе добие хибридна, но и целосно-електрична верзија. Со овој чекор Peugeot не само што ќе ги направи своите хибридни и електрични модели подостапни, туку ќе ја реафирмира својата посветеност кон развојот на ваквите автомобили.

Понатаму, се очекува 2008 да преземе многу технологии од своите поголеми браќа – 3008 и 5008. За прв пат, 2008 ќе го добие напредниот i-Cockpit систем кој се вградува во 3008, а тоа значи дека ќе го добие и големиот 12.3-инчен дисплеј со висока резолуција, како и секундарниот систем поставен на централната конзола.

Сето ова сугерира дека Peugeot го подготвува 2008 за сериозна пазарна офанзива – овој сегмент на автомобили станува сè популарен, и автомобилите кои се борат за купувачи мораат да понудат врвни технологии и практичност. Се претпоставува дека 2008 ќе продолжи да се нуди само со погон на предните тркала (иако не се исклучува можноста хибридната изведба да нуди погон на сите четири тркала), а како компензација за тоа ќе се добие уште порафиниран Grip Control систем за контрола на тракцијата во секакви услови.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.