full screen background image
Search

Официјално: Volkswagen го претстави својот нов компактен кросовер – новиот T-Roc!

Новиот компактен кросовер на Volkswagen доаѓа подготвен да ја разниша конкуренцијата!

T-Roc доаѓа со дизајн кој е интересна еволуција на оној кој го видовме кај новиот Tiguan, и ја навестува насоката во која можеби би се движел големиот Touareg. Сепак, T-Roc изгледа младешки, робустно и забавно – токму онака како што треба да изгледа модел од овој сегмент. Робустниот лик го истакнуваат широките крила и заштитните пластики, како и острите и чисти линии.

Поставен на MQB платформата на Volkswagen, T-Roc ќе биде нијанса помал од Tiguan. Ќе се нуди со шест мотори – три турбо-бензинци и три турбодизели, а ќе може да се комбинираат со мануелен или автоматски менувач, и погон на предните или на сите четири тркала. Основниот модел ќе го користи 1-литарскиот TSI турбо-бензинец со 115 коњски сили, а во понудата ќе бидат и 1.5-литарскиот TSI EVO со 150 коњски сили (кој ние го возевме во новата Ibiza), а врв на бензинската понуда ќе биде 2-литарскиот TSI со 200 коњски сили.

Доколку сакате турбодизел, ќе можете да изберете меѓу 1.6-литарскиот TDI со 115 коњски сили (кој ќе биде достапен само со мануелен менувач), 2-литарскиот TDI  со 150 коњски сили или пак врвниот 2-литарски TDI со 197 коњски сили.

Во внатрешноста ќе препознаете делови кои се веќе добро-познати од другите модели на Volkswagen групацијата. Ќе може да се добие одличниот Active Info Display, како и грст нови инфозабавни и безбедносни технологии. Ентериерот ќе има можности и за персонализација и би требало да понуди доволно простор и покрај опаѓачката кровна линија, а на патниците ќе им бидат достапни и 445 литри багажен простор.

Поврзано:   Електричниот Volkswagen ID.3 ги надмина официјалните мерења за повеќе од 100 километри!

T-Roc ќе биде официјално претставен во Франкфурт, а продажбата се очекува да започне до крајот на оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.