full screen background image
Search

Toyota и Mazda ќе прават заедничка фабрика во Америка!

Пред само неколку моменти, двата јапонски производители потврдија дека ќе градат заедничка фабрика во Соединетите Американски Држави, каде планираат да произведуваат до 300.000 автомобили годишно!

Јапонскиот гигант Toyota и помалиот, но значаен производител Mazda најавија дека ќе прават заедничка фабрика во Соединетите Американски Држави. Инвестицијата ќе чини 1.6 милијарди долари, а кога ќе започне со работа, фабриката ќе произведува до 300.000 возила годишно.

Во новата фабрика Mazda ќе произведува SUV и кросовер модели наменети за северноамериканскиот пазар, додека Toyota во истата фабрика ќе ја произведува Corolla наменета за истиот пазар. Фабриката се очекува да стартува со работа во 2021.

Дополнително, Toyota и Mazda најавија дека ќе соработуваат во сферата на електричните возила, и ќе ги комбинираат напорите да направат напредни безбедносни системи. Toyota ќе произведува комерцијално возило за Mazda во Јапонија, а двата бренда ќе ги разгледаат опциите за долгорочна соработка и повеќе заеднички модели. Toyota веќе ја продава седан-изведбата на малата Mazda 2 како сопствен модел во САД.

 

Вреди да се забележи дека ова е интересен потег на двата јапонски производители. По неодамнешното купување на Mitsubishi од страна на Renault/Nissan алијансата, евидентно е дека јапонските брендови започнуваат процес на „окрупнување“ и овој потег може да се гледа и како желба на Toyota да спречи можна понатамошна соработка меѓу Renault/Nissan и Mazda – во еден момент дури се појавија шпекулации дека Renault/Nissan алијансата е заинтересирана за купување на уште еден јапонски производител.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.