Претставен освежениот Toyota Yaris! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Претставен освежениот Toyota Yaris!

Во салонот на македонскиот импортер на Toyota – Toyota Автоцентар – денес беше промовиран фејслифтот на популарниот градски автомобил – компактниот Yaris!

Тековниот Yaris за прв пат беше лансиран во 2011-тата година и се покажува како успешен модел за Toyota – од неговото лансирање продажбата континуирано расте и Toyota минатата година продаде дури 6.8% повеќе во однос на предминатата. Сето тоа значи дека Yaris мора да продолжи да биде конкурентен, па неодамна малиот градски компакт доби ново затегнување.

Според она што го кажуваат од Toyota, во новиот Yaris има дури 900 нови делови – сето тоа со цел да се подобрат дизајнот, перформансите, економичноста и безбедноста на возилото. Примарна мета на фејслифтот се предниот и задниот дел кои добиваат нови, подинамични светлосни групи, а поработено е и на звучната изолација со цел да се подобри рафинираноста, особено при забрзување. Измени има и во ентериерот кој сега добива нови бои на материјалите и освежени инструменти.

Во понудата на Yaris ќе бидат три мотори – два бензинци и еден хибриден автомобил. Боите на бензинците ќе ги бранат 1-литарскиот со 69  коњски сили, како и новиот, 1.5-литарски бензинец со 111 коњски сили кој го заменува пензионираниот 1.33 VVT-i. Во понудата останува Yaris Hybrid кој носи 1.5-литарски бензинец кој во комбинација со електромотор испорачува вкупно 100 коњски сили. Токму хибридниот модел е еден од најсилните адути на Yaris – на европските пазари дури 40% од продажбата отпаѓа на хибридната изведба.

Цените за новиот Yaris започнуваат со промотивната цена од 9.990 евра за Yaris 1.0 Terra. Врв на понудата останува Yaris Hybrid кој чини 17.290 евра.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Освежениот Toyota GR Yaris е уште помоќен и уште побрз!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.