full screen background image
Search

Освежениот Peugeot 308 влегува во технолошка офанзива!

Еден од најпопуларните модели на Peugeot – хечбекот 308 – неодамна го доби своето освежување, а со него и грст нови технологии кои го подготвуваат за вистинска технолошка офанзива.


Редизајнираниот преден дел значи и нови системи за осветлување – а тоа пак значи дека трите највисоки нивоа на опременост – GT Line, GT и GTi добиваат предни светлосни групи изработени со LED технологија.

Сепак, можеби најважните технолошки иновации доаѓаат во ентериерот, каде најновата генерација на Peugeot i-Cockpit кабината со уникатниот компактен управувач добива и Head-Up дисплеј, како и Shift by Wire и Park by Wire можности благодарение на новиот автоматкси менувач. Тука е и новиот централен дисплеј преку кој се контролираат клима-уредот и TomTom навигацијата. Новиот мултимедијален уред е компатибилен со Android Auto и Apple CarPlay системите, како и MirrorLink системот кој дозволува да го „пренесете“ вашиот мобилен телефон директно на мултимедијалниот дисплеј.

Како што и се очекува од сериозен натпреварувач во оваа класа, новиот 308 доаѓа и со грст системи за асистенција во возењето. Дел од освежениот 308 се и Active Safety Brake и Distance Alert кои го предупредуваат возачот доколку има возило пред него со кое би можело да дојде до несакан контакт, но по потреба можат и значително да ја намалат брзината. Системите продолжуваат со веќе-очекуваниот систем за следење на коловозната лента кој го предупредува возачот доколку забележи дека има несакано напуштање на лентата. При брзини од 65 до 180 километри на час, системот може да ја корегира траекторијата на движење, со цел да го избегне ова несакано напуштање на коловозната лента.

Поврзано:   ВОЗЕВМЕ: Новиот Peugeot 308 во Франција - Лавот е крал!

Како дел од системите кои му овозможуваат на возачот поопуштено да вози, ги истакнуваме Driver Attention Warning, Automatic Headlamp Control, Speed Sign Recognition и Adaptive Cruise Control системите. Првиот систем работи така што доколку примети дека возачот вози повеќе од 2 часа со брзини повисоки од 65 километри на час, со аудио-визуелен аларм ќе го предупреди да запре и да се одмори. Сепак, новиот систем оди чекор понатаму и со камера поставена над ветробранското стакло го следи и оценува возењето на возачот и предупредува доколку забележи дека е потребно одмор.

Системот за авоматско контролирање на светлата ги анализира изворите на светлина и автоматски менува меѓу соборени и долги светла. Системот за препознавање на знаци ги препознава ограничувањата на брзините, но тука е и Speed Suggestion системот кој овозможува автоматско прилагодување на ограничувањата на брзината кога се користи темпомат. Секако, тука е и адаптивниот темпомат кој е достапен како кај возилата со автоматски, така и кај возилата со мануелен менувач. Овој систем автоматски ја следи посакуваната брзина, но истовремено реагира доколку напред има друго возило и соодветно ќе ја намали брзината доколку е потребно – дури може и да го застане возилото доколку возилото пред вас исто така застане. Овој систем работи при брзини до 180 километри на час.

Корисни за возачите ќе бидат и новите VisioPark  како и Park Assist системите. Visiopark овозможува 180-степенски преглед на задниот дел при паркирање, а истовремено на мултимедијалниот дисплеј може да биде прикажан и генериран 360-степенски приказ од птичја перспектива. Park Assist системот овозможува автоматско паркирање на возилото во паркинг-места кои се доволно големи да го соберат вашиот 308 – секако при паралелно и накосено паркирање.

Поврзано:   Пристигна плаг-ин хибридниот Peugeot 3008 Hybrid!

Сите овие системи кои се дел од освежениот 308 го прават интересен и навистина конкурентен во класата. Се надеваме дека наскоро и самите ќе имаме можност да ги испробаме и подобро да ги запознаеме.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.