full screen background image
Search

Alfa Romeo 6C Disco Volante е прекрасен сон за италијански суперавтомобил

По успешното лансирање на Alfa Romeo Giulia QV, несомнено сите фанови на брендот се во исчекување на нов суперавтомобил – а ова е визијата на Alex Imnadze за како тој би изгледал.

Автомобилскиот дизајнер го замислил овој модел како водечки спортски суперграндтурер со издолжен преден дел во кој ќе се наоѓа погонската единица и кабина сместена поблиску до задната оска. Секако сето ова е „спакувано“ во атрактивен дизајн – елемент многу важен за Alfa Romeo.

Кај дизајнот на 6C Disco Volante преовладуваат заоблени форми со остри линии и завршетоци, а се забележуваат и прилично ниски ветробрански и странични стакла. Страничните крила се забележливо изразени нанадвор и вдомуваат карбонски тркала со специјален дизајн.

Задниот дел со овалните светлосни групи, огромните отвори за вентилирање и големиот дифузер неодоливо потсетуваат на хиперавтомобилот LaFerrari, што и не е така лошо кога ќе се земе во предвид дека и двата производители се дел од иста групација.

Според планот за поизводство на Alfa Romeo, до 2020 треба да бидат претставени дополнителни четири модели, вклучувајќи два кросовери, еден голем седан и нов хечбек. Покрај тоа, во опција се уште две „специјални“ возила, но не е откриено поточно за какви се работи. Ние се надеваме дека барем едно од нив ќе биде спортски автомобил, поточно како визијата на Alex.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.