Официјално: Новиот Jeep Grand Cherokee Trackhawk со срце од Hellcat и 707 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Новиот Jeep Grand Cherokee Trackhawk со срце од Hellcat и 707 коњски сили!

По долго најавување и шпекулирање, Jeep ја претстави најмоќната Trackhawk изведба од големиот Grand Cherokee – која може да им конкурира дури и на суперавтомобилите.

Срцето на моделот е познатиот 6.2-литарски Hellcat V8 мотор со компресор, кој произведува 707 кс и 875 Nm вртежен момент. Во споредба со верзиите користени кај Challenger и Charger SRT Hellcat, Trackhawk располага со само 6 Nm помалку. Според инженерите, ова било потребно за да се продолжи животниот век на компонентите од системот за погон на сите тркала.

Моќниот агрегат може да го придвижи 2433 килограми тешкиот Jeep до 100 км/ч за само 3.5 секунди, што е пократко од забрзувањето на неговите Hellcat браќа. Trackhawk е способен да премине должина од четвртина милја од место за 11.6 секунди и да достигне максимална брзина од 290 км/ч. Исто така може да влече товар до 3266 килограми.

Grand Cherokee Trackhawk е достапен само со осум-степен автоматски менувач кој е доразвиен за да може да се справи со големата сила. Силата ја испорачува кон систем за погон на сите четири тркала преку електронски контролиран диференцијал со ограничено пролизгување на задните тркала. Во зависност од режимот на возење, силата може да биде распределена од 60/40 до 30/70 проценти напред/назад.

За сопирање на целата тежина се грижат 400-милиметарски Brembo сопирачки на предните тркала и 350 милиметарски ротори позади. Според Jeep, за сопирање на кросоверот од 100 км/ч му се потребни само 35 метри.

Естетски, Trackhawk добива неколку функционални надградби како дополнителните отвори за воздух на предниот дел кои го подобруваат ладењето на компонентите. Тука се и 20-инчни тркала, како и нов издувен систем со четири издувни цевки во темна боја.

Ентериерот е фокусиран кон возачот. Тахометарот сега е сместен во центарот на инструмент таблата, додека 8.4-инчниот мултимедијален систем содржи ексклузивни менија за Trackhawk, со страници за прикажување на разни мерачи на перформансите.

Поврзано:   Jeep го најавува Wagoneer S - ќе има 600 коњски сили и ќе забрзува „до стотка“ за 3.5 секунди!


Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.