full screen background image
Search

ТЕСТ: Volvo V40 D2 Edition – Успешно освежување за шведскиот хечбек

Најмалиот член на Volvo семејството неодамна го доби своето освежување, па ние решивме да поминеме неколку дена со фејслифтираниот V40!


Верувале или не, Volvo V40 е на пазарот од 2012-тата година, но сè уште го привлекува вниманието. Тоа најверојатно се должи на модерниот и различен дизајн кој Volvo го понуди со V40 – па во нашите очи шведскиот хечбек изгледа како тукушто да е пристигнат во салоните.

Дискретен фејслифт, без непотреби зафати кои само би го осквернавиле привлечниот дизајн

Иако мораме да признаеме дека пристапот кој Volvo го претстави со новите S90 и XC90 е различен од оној кој сè уште го нуди со V40, има нешто неодоливо привлечно кај градскиот хечбек. Оние со поостар вид ќе ги забележат новите предни светлосни групи кои сега имаат графика во формата на чеканот на на нордискиот Бог на Грмотевиците – Тор, а дел од новитетите доаѓаат и во форма на редизајнирани браници, нова графика на светлосните групи, нови значки и нов дизајн на тркалата.

Во ред, измените можеби и не се толку драстични во однос на она што се нудеше пред фејслифтот, но се доволни за да го одржат V40 конкурентен и свеж – а и да бидеме искрени – ако нешто не е расипано, не го поправајте. Лекција која на некои производители како да им е неверојатно тешка.

Седиштата се бесконечно комфорни, а кабината привлекува со квалитетните материјали и одличната завршна обработка

Ја отвораме вратата и нè пречекува пријатен и комфорен ентериер. Во време кога сè повеќе производители инсистираат на огромни мултимедијални уреди и има тенденција кон „предизајнирање“ на кабините, вистинско освежување е да се добие привлечен, едноставен, функционален и практичен ентериер. Седиштата се бесконечно комфорни – дури фотелјести, командите се јасни и лесни за користење, инструментите се лесно прегледни – и единствено бројката на копчиња на централната конзола издава дека ова е модел кој веќе неколку години се нуди на пазарот.

Поврзано:   Volvo наскоро ќе има нов продажен салон во Македонија

Сепак, гледано од друга страна – ваквиот пристап го прави автомобилот лесен за користење и не морате да го тргате погледот од патот во движење за да смените радио станица или пак да внесете некоја команда – нешто што е скоро невозможно со модерните мултимедијални уреди со огромни екрани чувствителни на допир. Наречете нè олд-скул – но ние сме од оние кои сакаат физички прекинувачи и тактилни копчиња.

Она за кое не смееме да најдеме забелешка е квалитетот на користените материјали во ентериерот, како и завршната обработка. Тука работите се на ниво кое се очекува од еден премиум бренд – сите материјали се квалитетни и меки на допир, а завршната обработка може да се споредува со било кој конкурент. Од друга страна, задната клупа е за нијанса потесна во однос на поновите конкуренти – но има доволно простор за двајца, а има и доволно багажен простор и за подолго патување. Прегледноста кон задниот дел е малку ограничена, но во реалноста V40 воопшто не е тежок автомобил за маневрирање.

Ознаката D2 значи нов и економичен 2-литарски турбодизел со 120 коњски сили

Меѓу новитетите го вбројуваме и новиот 2-литарски турбодизел кој сега се вградува во V40 и ја носи ознаката D2. Новиот мотор кој е своевиден вовед во V40 доаѓа токму од Volvo и има на располагање 120 коњски сили при 3750 вртежи во минута и 280 Nm вртежен момент од 1500 до 2250 вртежи во минута. Моторот целосно ги исполнува Euro 6 стандардите и инженерите од инженерите од Volvo гордо потсетуваат дека овој мотор е еден од најчистите во класата и има емисија од само 82 грама CО2 на изминат километар.

Поврзано:   Новиот Volvo S60 пристигна на Freedom to Move

Во градски услови на возење измеривме потрошувачка на гориво која не надмина 6.5 литри на 100 километри, а доколку сте навистина, навистина внимателни можете да ја „симнете“ и значително под таа бројка. Според Volvo, V40 опремен со овој мотор забрзува до 100 километри на час за 10.7 секунди и постигнува максимални 190 километри на час.

Зад управувачот од V40 добиваме токму она што го очекуваме – V40 е забавен, директен и динамичен, без притоа да има претерна наклонетост кон подуправување. Секако, сето ова се добива низ еден вел од премиум рафинираност, па во ниту еден момент освежениот V40 не отстапува од добро-познатите шведски стандарди. Рафинираноста на новиот турбодизел е одлична и во кабината не се пренесуваат скоро никакви вибрации од моторот. Сето ова го прави новиот V40 комфорен и тивок сопатник – дури и на отворен пат и на повисоки брзини. При 120 километри на час моторот работи на околу 2000 вртежи во минута а во кабината е тивко и мирно.

Иако е основниот модел, нашиот тестен автомобил имаше многу опрема

Нашиот тестен модел беше со основното ниво на опрема, но немаме некакви сериозни забелешки. Со нашиот автомобил ќе ги добиете споменатите нови Тор предни светла, а ќе добиете и клима уред, електрика на сите прозорци, загревање на предните седишта, сензори за дожд и светлина, LED дневни светла, загревање на ветробранското стакло, управувач и менувач обложени со кожа, централен дисплеј во боја и уште мал милион други ситници. Да, некои работи недостасуваат во однос на некои од директните конкуренти – но навистина, немаме посериозни забелешки.

Поврзано:   Автомобилите на Volvo во Европа ќе можат да комуницираат еден со друг

Секако, бидејќи се работи за Volvo не смееме да пропуштиме да ја споменеме безбедноста, која тука е на завидно ниво – освежениот V40 доаѓа со цела лепеза на системи за активна и пасивна безбедност, како и грст воздушни перничиња, а за безбедноста на шведскиот хечбек зборуваат и одличните 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата.

Всушност, за кого е наменет V40?

Volvo V40 е еден од оние, несекојдневните автомобили наменети за оние кои се малку похрабри и сакаат нешто различно. Дури и неколку години по неговото претставување, Volvo V40 изгледа современо и привлечно, а дискретните измени на фејслифтот покажуваат дека навистина нема потреба премногу да се експериментира со успешната формула. Затегнати се брчките онаму каде е потребно, без да се нарушува одличниот дизајн. Кога сето тоа ќе го искомбинираме со економичниот и рафиниран турбодизел, премиум изработката и врвниот комфор – добиваме автомобил кој сè уште е повеќе од подготвен да се држи рамо до рамо со конкурентите. Дајте му шанса, нема да се каете!

  • 2-литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри
  • Моќност: 120 коњски сили / 3750 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 280 Nm / 1500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 190 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.7 секунди
  • Должина: 4369 mm
  • Ширина: 2041 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1420 mm
  • Тежина: 1561 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2647 mm
  • Багажен простор: 335 литри
  • Потрошувачка: 6.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Volvo V40 D2 EDITION – 24.990 Евра
    Повеќе информации: Volvocars.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.