full screen background image
Search

Женева 2017: Претставен новиот Toyota Yaris GRMN со Supercharger и 205 коњски сили!

Јапонскиот бренд веќе некое време го најавуваше жешкиот модел, кој го изложи неделава на Женевскиот автомобилски саем.

Подготвен од натпреварувачката дивизија на компанијата (Gazoo Racing, Masters of the Nürburgring), новиот жежок Yaris е замислен како „поцивилизирана“ изведба од WRC болидот на Toyota.

Под поклопецот се наоѓа 1.8-литарски четири-цилиндарски агрегат, но за разлика од неговите конкуренти кои се потпомогнати од турбополначи, новиот Yaris GRMN доаѓа со supercharger. Брагодарение на тоа, моделот располага со 205 кс кои патуваат преку шест-степена мануелна трансмисија кон предните тркала.

Спортскиот мини компакт останал верен на името на дивизијата и бил делумно развиен на „Зелениот Пекол“. Суспензијата вклучува пониски спортски спирали со Sachs амортизери и подебели зацврстувања на шасијата. Опремен е со дополнителни стабилизатори, како и челична прачка фиксирана на врвот од предните амортизери, со цел да се добие подобра торзионална крутост и управување.

За подобро пренесување на силата кон подлогата, тука е диференцијал со ограничено пролизгување во Torsen стил, додека за сопирање на автомобилот се грижат вентилирачки диск сопирачки со четири-клипни шепи напред. Yaris GRMN е поставен на 17-инчни алуминиумски тркала направени од BBS.

Каросеријата со три врати е дотерана со специфичен бодикит, со нови браници напред и позади, кровен спојлер и заден дифузер. Истата е исшарана со дрвени и црни елементи во стилот на WRC моделот. Ентериерот е опремен со тркачки седишта, спортски кожен волан преземен од Toyota GT86 и алуминиумски педали.

Ова е првиот модел на GRMN кој ќе се нуди во Европа, но се уште не се објавени неговите цени и целосни перформанси. Сепак, се очекува дека спортскиот Yaris ќе биде жесток конкурент на новата Ford Fiesta ST, Volkswagen Polo GTI и RenaultSport Clio.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota Yaris 1.5 125 Chic XTRA BiTone - Ефикасен и моќен бензинец!


Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.