full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota RAV4 Executive Plus Hybrid – Докажан SUV со премиум технологија!

Стратегијата која Toyota ја искористи кога го развиваше хибридниот Rav4 беше едноставна – ја имаа технологијата од луксузниот Lexus NX 300h – и токму неа ја употребија кај докажаниот и реномиран SUV!

Не е лесно да се носи товарот на успехот. Rav4 е првиот „модерен“ SUV – и кога многумина се сомневаа во стратегијата на Toyota да понуди мал, компактен и авантгарден урбан теренец, јапонскиот производител докажа дека токму таквата одлука може да резултира со несекојдневен успех.

Фејслифтираниот RAV4 е со заострен и модернизиран дизајн каде доминира јапонскиот футуризам.

Rav4 го трасираше патот за сите други вакви автомобили, а со најновиот хибрид Toyota сака повторно да понуди малку повеќе од она што го очекуваме. Со неодамнешниот фејслифт, Toyota го „подмлади“ RAV4, па дизајнот е за нијанса позаострен и модернизиран. Секако, јапонскиот футуризам е тука, па можеме да кажеме дека новиот Rav4 е малку поларизирачки – но димензиите и пропорциите налагаат дека се работи за практичен и комфорен автомобил.

На предниот дел ќе забележите дека се изменети светлосните групи, кои сега се нијанса помали и влечат инспирација од некои од другите модели на јапонскиот производител. Профилот и задниот дел се скоро неизменети, но на задниот дел се истакнуваат новите светлосни групи со значително попривлечна тродимензионална графика. Сè на сè – дизајнот е веднаш препознатлив за Toyota, а сликата за робустност дополнително ја комплетираат кровните носачи и заштитните елементи поставени околу целиот автомобил.

Секако, како и секој хибрид на Toyota, така и хибридната Рав-Четворка ќе ја препознаете преку сините детали на логото на јапонскиот производител.

Освежување и за ентериерот – искористени се поквалитетни материјали, a RAV4 останува еден од најпросторните модели во класата

Покрај екстериерот, и ентериерот добива освежување – кој повеќе е во насока на подобрување на квалитетот на материјалите кои се користени во ентериерот. Скоро сè што ќе допрете е покриено со квалитетни материјали, а бидејќи се работи за одлично-опремен модел, мораме да ги пофалиме и седиштата кои беа делумно обвиени во кожа и се супер-комфорни. На некои од прекинувачите „им се познаваат годините“, но сепак во ниту еден момент не може да се фрли сомнеж врз робустноста и долготрајноста на компонентите.

Поврзано:   Toyota Land Cruiser Namib е ретро-фантастичен - и резервиран само за Африка.

Секако, бидејќи се работи за Rav4, остануваат истите квалитети во ентериерот како и порано – комфор, просторност и практичност. На задната клупа ќе седат двајца, а по потреба и тројца патници. Бидејќи се нагодува аголот на потпирачот на задната клупа, и таму може лесно да се најде комфорна позиција, а ќе се изненадите од просторот кој ќе го имате како за нозете, така и за колената.

Низ кабината ќе најдете мал милион места за одлагање ситници и неколку држачи за пијалаци, а приказната за практичноста продолжува со багажникот кој нуди 501 литар зафатнина, кои нараснуваат на 1633 литри кога ќе ги спуштите задните седишта – и сиот тој багажен простор е достапен преку голем и правилен отвор со низок раб – извонредно практично ако имате потреба да пренесете некој поголем предмет, или пак треба да го сместите семејното куче во багажникот.

Премиум технологија која влече корени од луксузниот Lexus!

Сега можеме малку да зборуваме за премиум технологијата врз која е изграден хибридниот Rav4. Toyota гордо истакнува дека „под кожата“ на хибридниот Rav4 се крие погонот кој влече потекло од луксузниот Lexus NX300h. Тоа значи дека добивате добро проверена комбинација од 2.5-литарски атмосферски бензинец кој испорачува 155 коњски сили, како и два електромотори – предниот со 143 коњски сили, а задниот со 68 коњски сили. Бензинскиот мотор и предниот електромотор се задолжени за предните тркала, а задниот електромотор за задните.

Системската моќоност е 197 коњски сили, кои се испорачуваат преку безстепенски CVT менувач (поточно, менувач со неограничен број на степени на пренос), а перформансите се задоволителни – 100 километри на час пристигнуваат за 8.3 секунди, додека максималната брзина е 180 километри на час.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Toyota го претстави целосно новиот Yaris!

Заради својата природа, CVT менувачот нема да биде по сечиј вкус – но неговата намена е да го одржи автомобилот во идеален број на вртежи во секој момент и при тоа да понуди или одлична економичност, или моќност. Бидејќи се работи за хибриден автомобил, подготвени сме да го прифатиме CVT менувачот заради придобивките кои ги нуди, но имајте во предвид дека вака поставениот автомобил не е наменет за оние кои сакаат поспортско и подинамично возење – напротив, наменет е за оние кои сакаат да возат опуштено и мирно да пристигнат до целта.

Врвна рафинираност на погонот, повеќе од задоволителна потрошувачка

Што значи сето ова во однос на потрошувачката? Бидете конзервативни и внимателни со педалата за гас, и можете да очекувате околу 8 литри на 100 изминати километри во градски услови – бројка која е повеќе од одлична ако се земе во предвид тежината и големината на хибридниот Rav4. Бидете поагресивни, и таа бројка лесно ќе надмине 10 литри на 100 километри, но повторно – тоа не е ништо страшно. Од друга страна, доколку батериите се полни и сте нежни со педалата за гас, можете да се движите и само на електрична енергија – нешто што никогаш нема да престане да ни биде забавно. На отворен пат, потрошувачката не надминува 7 литри на 100 километри, но при повисоки брзини своето присуство го нагласуваат четири-цилиндерскиот бензинец и CVT менувачот.

Со фејслифтот на Rav4, инженерите на Toyota ја ревидирале и суспензијата на големиот SUV и веднаш се воочува подобрената стабилност. Суспензијата ги впива нерамнините од улиците, а во кабината се пренесуваат навистина малку несакани вибрации. Ќе потенцираме дека е подобрена и звучната изолација, нешто што станува очигледно при возење на отворен пат. Во градски услови – кога ќе се навикнете на големината, секако – маневрирањето е лесно, автоматскиот менувач одлично си ја врши работата а Rav4 нуди исклучително комфорна и тивка кабина.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota RAV 4 2.0 Dynamic AWD – Логичен или нелогичен избор?

Всушност, токму тука хибридниот Rav4 одлично ја „погодува“ целта – хибридниот погон едноставно наметнува лежерност која станува несекојдневна во морето од автомобили со наметнати спортски карактеристики. Смирениот карактер е тотално спротивен од она што сме навикнати да го очекуваме, и тоа е еден од најсилните адути на хибридниот погон. Возењето се трансформира од борба со метежот во прибежиште од истиот. Да, несомнено ќе заглавите во истите градски гужви – но карактерот на хибридниот Rav4 ќе ве натера да го прифатите тоа на смирен и релаксиран начин.

Кога на сето тоа ќе ја додадете опремата која ја добивате со врвно-опремениот Rav4, каде го вбројуваме и клима уред, кожен пакет, мултимедијален уред со навигација, LED осветлување, паркинг сензори и камер, и уште многу други ситници, како и врвната безбедност – станува јасно дека на вака опремениот Rav4 навистина ништо не му недостига.

Хибридниот RAV4 е алтернативен избор – и многу подобар, токму заради тоа!

На крајот, некако сам по себе се наметнува заклучокот дека Toyota нуди алтернатива на етаблираните модели во сегментот – не само преку хибридната технологија со премиум гени, туку и преку самиот карактер на автомобилот кој го нуди. Да, хибридните автомобили (барем кај нас) сè уште се гледаат како алтернативен и малку несекојдневен избор – но дали е тоа критика? Според нас, апсолутно не!

  • 2.5-литарски атмосферски бензинец + два електромотори
  • Моќност на бензинскиот мотор: 155 коњски сили
  • Системска Моќност: 197 коњски сили / 5700 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 180 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.3 секунди
  • Должина: 4570 mm
  • Ширина: 1845 mm
  • Висина: 1660 mm
  • Тежина: 1785 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2660 mm
  • Багажен простор: 501 – 1633 литри
  • Потрошувачка: 8 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Toyota Rav4 Hybrid Executive Plus – 36.990 Евра
    Повеќе информации: Toyota.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.