full screen background image
Search

Следната генерација на Audi A6 доаѓа наредната година со Prologue дизајн

Како што сегашниот A6 се приближува кон крајот на својот животен век, така Audi го подготвува неговиот наследник за лансирање.

Инголштадскиот премиум конкурент на Mercedes-Benz E-Class, BMW Серија 5 и Volvo S90 ќе биде претставен во текот на наредната година и ќе располага со похрабар дизајн, кој ќе го издвои од досегашните конзервативни дизајни.

Одлуката е веќе направена, а одговорен за изгледот на претстојниот Audi A6 ќе биде новиот главен дизајнер Марк Лихте, чие дело е фасцинантниот Prologue Concept, претставен пред две години. Се очекува некои од острите елементи да бидат усвоени кај новата генерација на A6, заедно со поновата верзија на карактеристичните DRL светлосни групи на компанијата, како и некои хромирани детали.

Се зборува и дека Audi ќе ги намали копчињата во кабината на минимум, бидејќи сите функции ќе можат да се управуваат преку два екрани на допир интегрирани во централната конзола. Исто така, се очекува да изгледа различно од идната генерација на А8, но ќе преземе неколку автономни безбедносни системи кои ќе бидат претставени кај поголемиот модел.

Конструкцијата на моделот ќе биде базирана на MLB платформата и ќе комбинира карбон, алуминиум и челик со голема цврстина, со цел да ја намали својата тежина во однос на сегашната верзија. Покрај тоа, се очекува автомобилот да го усвои електричниот турбо-полнач од SQ7, а најверојатниот агрегат за ова е 2.0-литарскиот четири-цилиндарски дизел агрегат. Останатите погонски единици кои се очекува да се придружат во гамата се вообичаените четири и шест цилиндарски бензински и дизел агрегати, заедно со нов PHEV е-tron.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Електрични, спортски и прогресивни - Audi ги претстави новите e-Tron GT и RS e-Tron GT!

Откако ќе дебитира четири-вратниот Audi A6, Германците ќе ја прошират палетата со караванска изведба и Allroad модел, пред да ја искористат базата за да го создадат наредниот A7.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.