full screen background image
Search

Ford го освежи Mustang – му даде нов лик и супер-напредна суспензија!

Иако освежениот Mustang ќе пристигне на северноамериканскиот пазар дури на крајот на оваа година, Ford ги објави деталите за освежувањето кое носи многу новитети!

Веднаш се забележува новиот, заострен лик на американскиот мускулест автомобил. Оние со поостар вид ќе забележат и редизајниран поклопец на моторот, нови задни светлосни групи, дискретно редизајниран дифузер и мал заден спојлер кај GT моделот.

Ford одлучи да престане да го нуди 3.7-литарскиот V6 и на северноамериканскиот пазар, па Mustang и таму (исто како и во Европа) ќе се нуди само со 2.3-литарскиот турбо-бензински EcoBoost и големиот 5-литарски V8. Новитет кај овие мотори е што ќе може да се комбинираат со целосно нов, 10-степен автоматски менувач кој го заменува 6-брзинскиот автоматик.

Големиот V8 добива освежување во форма на директно вбризгување, што би требало да го направи нијанса поекономичен, но и помоќен. Ford уште не објавува детали, но бидејќи 5-литарскиот V8 веќе нуди повеќе од 400 коњски сили, очекуваме бројките да бидат уште поимпресивни. Помалиот EcoBoost исто така ќе добие освежување, но освен тоа дека ќе има повеќе вртежен момент, од Ford не кажуваат ништо.

Во кабината купувачите ќе можат да добијат целосно-дигитален панел со инструменти поставен пред возачот кој ќе има 12-инчен дисплеј. Редизајнирани се некои елементи во кабината, а новитет е и активниот издувен систем кој ќе му овозможи на возачот да го регулира звукот од моќниот V8. Mustang добива и неколку нови системи за активна безбедност.

Она што е важно за возачите, е новата суспензија – дел од приказната се нови стабилизатори, но најважниот новитет се MagnaRide магнето-реолошките адаптивни амортизери. Овие амортизери се користат кај значително поскапи автомобили, а нудат одлична можност за прилагодување на цврстината.

Поврзано:   Puma и Fiesta добиваат нов, 7-брзински менувач со двојна спојка

Како што напоменавме, Ford ќе го лансира освежениот Mustang во САД на крајот на оваа година, додека европските купувачи ќе мораат да почекаат уште малку.

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.