За оние на кои C-Class Coupe им е премал автомобил, а S-Class Coupe преголем – тука е идеалниот E-Class Coupe!
Сепак, да бидеме сериозни – новата E-Class Coupe е многу повеќе од само „златна средина“ за Mercedes-Benz. Традиционално, автомобилот ги има идеалните купе пропорции – долг, мускулест преден дел и краток, „набиен“ заден дел. Новиот автомобил е поголем и попросторен од својот претходник, но истовремено (барем во нашите очи) значително попривлечен.
Дизајнот успешно влече детали како од помалата C-Class, така и од поголемата S-Class Coupe и притоа ги влече најдобрите карактеристики од обата модели. Секако, никогаш нема да го измешате со „обичната“ E-Class, бидејќи купе изведбата има значително поспортски кров и го има задниот дел со широките, хоризонтални светлосни групи кои Mercedes-Benz ги вградува во купе-моделите. Новото купе е долго 4826 милиметри, широко 1860 милиметри и високо само 1430 милиметри – а тоа го прави новиот автомобил 123 милиметри подолг, 74 милиметри поширок и 32 милиметри повисок од стариот. Меѓуоскиното растојание е 113 милиметри подолго и сега е 2873 милиметри, со што во кабината нуди многу повеќе простор за сите патници.
Исто како и седанот, и купето го добива новиот ентериер кој изобилува со премиум детали и врвни технологии, а задните седишта се токму тоа – индивидуални седишта наменети да понудат што е можно повеќе комфор. Врвната верзија добива два 12.3-инчни екрани поставени пред возачот и на централната конзола, додека основниот модел добива традиционални инструменти и мал панел пред возачот, и уште еден дисплеј на централната конзола.
На почетокот ќе се нудат четири погонски единици. На стартот ќе се нуди само еден турбодизел во форма на E220d кој ќе нуди 194 коњски сили од 2-литарскиот турбодизел. Боите на бензинците ќе ги бранат E200 кој нуди 184 коњски сили, Е300 кој нуди 245 коњски сили (обата од 2-литарски турбо-бензинци) и (сега за сега) најмоќниот Е400 4Matic кој од 3-литарски твин-турбо V6 има на располагање 333 коњски сили. Секако, во понудата понатаму ќе се најдат и соодветните AMG верзии кои најверојатно ќе имаат доволно моќ да поместат планини. Сите варијанти ќе се нудат исклучиво со 9G-Tronic девет-брзински автоматски менувач.
Новото купе ќе пристигне на пазарот кон средината на следната година.