За секој фан на разиграниот коњ единствено поспецијално нешто од поседување на модел на Ferrari е поседување на уникатен единствен примерок на Ferrari, а токму таков беше претставен изминатиов викенд на настан на Дајтона.
Моделот на фотографиите е наречен SP275 RW Competizione и е базиран на F12 Berlinetta, со специјален дизајн на каросеријата кој го прави различен од сите останати. Обоен во жолта боја со детали од карбонски влакна, дизајнот е очигледно инспириран од иконскиот Ferrari 275 GTB/C Speciale од 1964 година.
Уникатниот модел се одликува со подискретен облик од впечатливиот суперавтомобил врз кој е базиран, додека страничните отвори за воздух се јасен потсетник на историскиот модел. Предните светлосни групи се со слична форма како оние на ограничената серија F60 America, а „извајаниот“ поклопец на моторот од стандардниот F12 е заменет со помазна површина.
Она што за сега останува мистерија е што лежи под тој поклопец. Сигурно е дека се работи за 6.3-литарскиот природно аспириран V12 агрегат, но не знаеме дали се работи за верзијата од Tdf која испорачува 769 кс или стандардната Berlinetta изведба со 730 кс.
Овој единствен примерок бил нарачан од стоматологот Рик Воркман од Флорида, кој се чини дека го подигнал автомобилот пред околу една недела. На фотографиите е сместен покрај неколку други ретки модели како P540 Superfast, базиран на 599 и претходно споменатиот F60 America. Локацијата е Дајтона каде изминатиов викенд се одржа настанот Ferrari Finali Mondiali.