Покрај стандардниот Golf, и неговата електрична изведба доби свое освежување – па сега има повеќе моќност, поголема батерија и автономија зголемена за 50%, на вкупно 200 километри!
Volkswagen пред само неколку дена го претстави освежениот Golf, и најави дека и електричната верзија ќе добие свое подновување. Денес можеме да ви го претставиме освежениот е-Golf кој ги добива истите нови мултимедијални системи и дискретно затегнат дизајн – но тука вистинските новитети се „под кожата“.
„Старата“ батерија со капацитет од 24.2 kWh е заменета со нова, поголема батерија. Новата има капацитет од 35.8 kWh и му овозможува на e-Golf да помине 50% повеќе од порано – односно до 200 километри со едно полнење. Некои нивоа на опрема добиваат и посилен полнач со моќност од 7.2 kW, благодарение на кој e-Golf може да се наполни за помалку од шест часа. Со опција за брзо полнење на соодветна станица, 80% од батеријата можат да бидат наполнети за еден час.
Дополнително, електромоторот сега нуди 134 коњски сили (19 повеќе од порано) и 290 Nm вртежен момент (порано нудеше 270 Nm). Како резултат на тоа, освежениот e-Golf е повеќе од секунда побрз „до стотка“ и сега му требаат 9.6 секунди за да го постигне бенчмаркот. Максималната брзина е исто така зголемена, и сега е 150 километри на час. Со новите измени, електричниот e-Golf е уште попривлечен за купувачите и се надеваме дека и ние ќе имаме можност да го повозиме.