full screen background image
Search

Citroen C-Elysee доби редизајн со нови технологии и нови бои

Компактниот Француски седан е модернизиран со измена на дизајнот и подобрувања во неколку категории.

Екстериерот претрпел измени главно во предниот дел, каде ја добива новата решетка која е слеана со редизајнираните предни светлосни групи и е моментално заштитен знак на брендот, како и хромирани украси на долната решетка со LED дневни светла и светла за магла. Во задниот дел, измените се помали и се состојат од нови задни светла со 3D ефект. Во палетата на бои се додадени Lazuli Blue и Aluminium Grey, кои доаѓаат на местото на боите Teles Blue и Steel Grey, а во изборот се додадени и нови 16-инчни алуминиумски фелни.

Во кабината моделот добива нов 7-инчен интерфејс на допир кој е значително побрз од претходно и им овозможува на корисниците поврзување на своите паметни телефони преку Bluetooth. C-Elysee доаѓа и со поддршка за апликациите Android Auto и Apple CarPlay, а тука е и технологија за распознавање на гласовни наредби. За навигација на автомобилот се грижи системот Citroen Connect Nav, кој на одредени пазари црпи локални информации и ги прикажува цените на горивата, дава сугестии за алтернативни патишта на движење или предупредувања за опасности.

Во зависност од пазарот, новиот Citroen C-Elysee ќе може да се нарача со неколку бензински или дизел агрегати, во кои спаѓаат PureTech 82 кс, VTi 115 кс, HDi 91 кс и BlueHDi 100 кс, усогласени или со рачен или со шест-степен автоматски менувач.

Автомобилот исто како до сега продолжува да се произведува во фабриката во Виго, Шпанија, а ќе се појави на пазарот во првата четвртина од 2017.

Поврзано:   Citroen ја претставува иднината на мобилноста со Ami One концептот


Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.