full screen background image
Search

Затегнат најпопуларниот модел на чешкиот производител – Škoda ја освежи Octavia

Škoda го подготви фејслифтот за својот најпопуларен модел – Octavia добива нов лик, нови LED предни светла, освежен ентериер и грст нови технологии.

„Octavia секогаш беше во сопствена класа во компактниот сегмент“ – изјави претседателот на Škoda Bernhard Maier – „во самото срце на брендот, Octavia одлучно го оформуваше развојот на Škoda од самиот почеток и ја на прави компанијата она што е денес – интернационално успешен производител на автомобили, присутен на повеќе од 100 пазари ширум светот. Со новата, екстензивно ревидирана Škoda Octavia сакаме одржливо да го продолжиме овој развој.“

skoda-octavia-facelift-rear

Она што се веднаш се забележува се затегнатите линии на Octavia, особено на предниот дел. Светлосните групи сега се поделени и ја следат насоката која Škoda ја постави со Kodiaq. Според дизајнерите на Škoda, предниот дел сега изгледа помоќно и има повеќе карактер. Секако, Octavia продолжува да биде еден од најкомфорните и најголемите автомобили во класата – како на предните, така и на задните седишта. Седанот нуди 590 литри багажен простор, караванот 610 литри – кои нараснуваат на 1580 односно 1740 литри со спуштени задни седишта.

Со освежувањето, Octavia добива и нови мултимедијални системи. Сите четири системи сега имаат капацитативни екрани кои се чувствителни на допир, а големиот Columbus уред кој има 9.2-инчен дисплеј сега има можност да функционира како hotspot, со можност за вградување на сим картичка за LTE интернет поврзување. Octavia добива и систем за асистенција при влечење приколка, кога автомобилот само го презема управувањето при споро движење наназад. Додадени се и Predictive Pedestrian Protection системот, како и заден радар кој овозможува следење на слепата точка на автомобилот и сообраќајот зад автомобилот. За прв пат, купувачите ќе добијат прилагодлив клуч кој овозможува повеќе корисници на автомобилот да ги зачуваат своите нагодувања, ќе добијат управувач со загревање, преклопливи масички на задната клупа и уште многу други Simply Clever ситници.

Поврзано:   Autobest признанија за Citroën, Škoda, Jaguar Land Rover, Toyota, Френк Стивенсон и Тото Волф!

skoda-octavia-facelift-interior

Понудата на мотори сочинува пет TSI турбо-бензинци и четири TDI турбодизели. Нивната зафатнина е од 1.0 до 2.0 литри, а моќта која ја испорачуваат е од 84 коњски сили, па сè до 184 коњски сили. Скоро кај сите мотори ќе може да се добие DSG менувач со двојна спојка со шест или седум степени на пренос, а кај 1.8-литарскиот TSI и 2-литарскиот TDI ќе може да се добие и погон на сите четири тркала. Се истакнува и DCC системот за контрола на шасијата кој му овозможува на возачот да избере меѓу Comfort, Normal и Sport режими за управувачот и амортизерите.

Испораките на освежената Octavia ќе започнат на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.