full screen background image
Search

Новиот бренд Lynk & Co најавува офанзива и целосно нов пристап кон имањето автомобил

Наместо купување во салон – купување онлајн, наместо персонализација – специјални верзии, наместо еден корисник – делење на автомобилот!

Сигурни сме дека името Geely ви значи нешто – токму Geely е сопственик на добро-познатиот Volvo, и токму овој бренд ќе биде првиот кој ќе направи вистинска и квалитетна офанзива на западните пазари. Нивниот нов бренд – Lynk & Co – има храбра задача – да изтурка нов модел на продажба кој нема да има традиционални дилери, нема да има персонализација на возилата и ќе се фокусира на делење на автомобилот – и сето тоа со најмодерни системи за поврзување кои се нудат на пазарот.

Во ред, но што е со автомобилот?

Првиот автомобил на Lynk & Co ќе се вика едноставно 01, и е мал, модерен SUV кој дели многу компоненти со новиот XC40 SUV на Volvo кој наскоро треба да се појави на пазарот. Всушност, 01 и XC40 ја делат CMA платформата на Volvo, а тука се вбројува електриката, моторите и многу од напредните безбедносни системи. Автомобилот е целосно развиен и дизајниран во градот до кој потекнува волво – Гетебург – а многу од одговорните лица доаѓаат токму од шведскиот производител. Сето ова говори дека автомобилот кој ќе се понуди на пазарот ќе биде модерен, безбеден и технолошки-напреден.

lynk-co-01-platform

Сепак, еден од челните луѓе на Lynk & Co (и поранешниот директор за маркетинг во Volvo) Alain Visser кажува дека „онаму каде Volvo е предводник во безбедноста, ние сакаме да бидеме најдобри во конектибилноста“. Сите автомобили ќе имаат 10.1-инчен мултимедијален уред поставен во средината, и системи кои се цело време поврзани на интернет и cloud-от на самиот автомобил. Автомобилите ќе имаат своја мобилна апликација која ќе дозволи контролирање на многу од функционалностите на автомобилот од далечина – всушност, купувањето, споделувањето, сервисирањето и препродавањето на автомобилот ќе може да се организира и изведе дигитално.

Споделување автомобил?

lynk-co-01-interior

Да – на големиот мултимедијален уред има големо Share my Car копче кое им овозможува на другите возачи да го изнајмат вашиот автомобил. Според Visser, ова ќе биде популарна функционалност – „многу од традиционалните купувачи ќе имаат проблем со делење на нивниот автомобил, но тоа се менува. Денешните купувачи сакаат мобилност, но можеби и не сакаат да се сопственици на автомобил.“ Постигната е соработка со Microsoft и кинескиот гигант Alibaba за градење на дигитална инфраструктура која ќе овозможи купување, конфигурирање и испорака на сите услуги кон купувачите.

Но без персонализација?

lynk-co-01-rear

Да. Според Lynk & Co, ова е значителен чекор нанапред. Слично како и во модната индустрија,ќе се нудат 10 различни колекции секоја година, секоја со различни технички приоритети. Ова би требало значително да го олесни (и поевтини) производството, а со елиминирање на традиционалните методи за дистрибуција Lynk & Co сакаат да заштедат околу 25-30% од вкупните трошоци. На почетокот автомобилите ќе се произведуваат во Кина, но се планира производство и во шведските фабрики на Volvo.

Што ќе го придвижува 01?

На самиот почеток ќе се нуди 1.5-литарски три-цилиндерски бензинец, како и постоечкиот 2-литарски четири цилиндерски бензинец на Volvo. Најверојатно нема да има опција за турбодизел мотор, но се планира хибридна варијанта. Ќе се нуди со погон на предните или сите четири тркала.

Сето ова звучи амбициозно.

lynk-co-01-side

И навистина е амбициозно. Челниците на Geely кажуваат дека планираат да продаваат околу 500.000 возила годишно – бројка која не е за занемарување. Оваа бројка би требало да се постигне до 2021-вата година, и до тогаш ќе бидат понудени вкупно пет различни Lynk & Co модели на пазарот. Моделите ќе ја следат истата номенклатура (01, 02, 03..) и гамата би требало да вклучува и компактен хечбек, седан со средна големина, и уште неколку изведби. Сето ова ветува многу, а досега ниту еден кинески производител не бил волку подготвен и волку амбициозен. Им посакуваме среќа!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.