Париз 2016: Премиера на новиот полесен, помоќен и поробустен Audi Q5 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Париз 2016: Премиера на новиот полесен, помоќен и поробустен Audi Q5

Иако дизајнот е повеќе еволуција наместо револуција, под кожата новиот „среден“ SUV од Инголштад е целосно нов, значително полесен и со грст нови технологии!

Audi го претстави новиот Q5 на саемот на автомобили во Париз и токму со овој модел Audi најавува автомобил кој „ги комбинира спортските карактеристики на седан на Audi со повеќенаменскиот карактер и флексибилен ентериер на SUV.“

Веднаш ќе го забележите новиот Q5 благодарение на поагресивниот дизајн. Во ред, новиот Q5 наликува на својот претходник, но и на големиот Q7 – ама тоа му дава зрел и возрасен изглед. Сепак, најважни новитети се оние под „кожата“ – новиот Q5 е поставен на MLB Evo платформата која веќе се користи кај A4 и големиот Q7, а благодарение на новата платформа тежината е намалена за и до 90 килограми. Сепак, и покрај намалената тежина, новиот Q5 е поголем од својот претходник – сега е долг 4.66 метри, широк 1.89 метри и висок 1.66 метри. Меѓуоскиното растојание е 2.82 метри, а тоа гарантира многу простор во ентериерот и дарежлив капацитет на багажникот – од 550 до 610  литри!

Задолжени за придвижување на новиот Q5 се 2-литарски TFSI турбо бензинец кој испорачува 252 коњски сили, како и четири различни TDI турбодизел мотори. Понудата кај дизелите започнува со 2-литарскиот TDI кој се нуди во три варијанти – со 150, 163 и 190 коњски сили, но во понудата е и моќниот 3-литарски TDI кој испорачува 286 коњски сили и одлични 600 Nm вртежен моемент. Во зависност од избраниот мотор, ќе добиете 6-степен мануелен или 7-брзински S-Tronic менувач со двојна спојка. За најмоќната верзија е резервиран 8-брзински Tiptronic. Quattro погонот е стандарден кај сите изведби, освен кај 150-коњскиот TDI кој може да се добие или со погон на предните, или со погон на сите четири тркала.

Секако, ќе може да се добие со сите најнови технологии кои Audi ги нуди кај своите модели, па можеме да очекуваме грст безбедносни системи, одличниот Virtual Cockpit систем, стандардно ќе се нуди со 7-инчен дисплеј (а ќе може да се добие и 8.3-инчен) кој се контролира преку панел чувствителен на допир или ротирачки контролер, потоа LTE поврзување со можност за Wi-Fi хотспот, Bang & Olufsen премиум аудио систем, и уште многу, многу други „играчки“.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Audi го освежи A3 и го претстави и робустниот A3 Allstreet

Продажбата се очекува да започне на крајот на оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.