full screen background image
Search

Париз 2016: Премиера на Audi RS3 Sedan – 400 коњски сили, 0-100 за 4.1 секунда!

Знаменосецот на A3 моделите на Audi доаѓа со 2.5-литарски пет цилиндерски турбо-бензинец, Quattro погон на сите четири тркала, S-Tronic автоматски менувач и 400 коњски сили!

Ако 367-те коњски сили кај RS3 Sportback не ви се доволни, Audi реши да ја направи врвната А3 изведба токму во форма на седан – и да му даде на знаменосецот дури 400 коњски сили! Моќта доаѓа од нов, преработен 2.5-литарски TFSI кој има пет цилиндри и сега испорачува 400 коњски сили и 480 Nm вртежен момент. Моторот има систем за двојно вбризгување, варијабилно отворање на вентилите и е цели 26 килограми полесен од претходникот.

Со овој мотор, RS3 Sedan забрзува до 100 километри на час за само 4.1 секунда и постигнува максимални 250 километри на час. Доколку побарате, Audi може да го помести лимитерот на 280 километри на час. Секако, моќта се пренесува кон сите четири тркала преку S-Tronic автоматски менувач со седум степени и двојна спојка, како и најновата генерација на Quattro системот за погон на сите тркала. RS3 Sedan доаѓа со систем кој во свиоци дискретно ги прикочува внатрешните тркала за да го направи управувањето поагилно и подинамично.

RS3 Sedan ќе го препознаете по аеродинамичниот бодикит, страничните отвори за воздух, задните спојлер и дифузер, како и големите тркала. Секако, тука се и големите сопирачки кои несомнено се потребни за да ја застанат оваа 400-коњска ракета. Како и екстериерот, и ентериерот добива спортски детали – неизбежните спортски седишта, индикатор за притисок во турбополначот, контрастни опшивки и многу други ситници. Новитет е можноста да се нарача RS3 Sedan со Audi Virtual Cockpit панелот кој се нуди и кај други модели на брендот.

Поврзано:   Утринска Гимнастика: Битка на VW Golf R, BMW M135i, Audi S3 и Mercedes AMG A35



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.