Париз 2016: Generation EQ – Вовед во електричната иднина на Mercedes-Benz! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Париз 2016: Generation EQ – Вовед во електричната иднина на Mercedes-Benz!

Mercedes-Benz во Париз ја претстави својата визија за електричната гама на возила кои ќе ги понуди во блиската иднина – а приказната започнува со електричниот SUV кој се вика Generation EQ!

Со претставување на Generation EQ Concept, Mercedes-Benz со исклучителна сериозност ги најавува своите планови за електрична гама на возила. Концептот е придвижуван од два електромотори кои нудат комбинирана моќност од 402 коњски сили и 700 Nm вртежен момент, а силата се дистрибуира кон сите четири тркала. Од Mercedes-Benz тврдат дека автономијата изнесува 500 километри со едно полнење, а батериите се поставени во просторот меѓу предната и задната оска.

Интересен факт е податокот дека токму Daimler ги изработува литиум-јонските батерии, кои имаат вкупен капацитет од 70 kWh. Благодарение на батериите и електромоторите, Generation EQ забрзува до 100 километри на час за помалку од 5 секунди.

Изборот токму SUV да биде прв модел од EQ гамата на Mercedes-Benz е растечката популарност на овој сегмент. Дизајнот го одликуваат футуристички и чисти линии кои сугерираат еколошка прифатливост, економичност и авантгардност.

„Фасцинацијата е во интерпретацијата на нашата дизајнерска филозофија на чистота, а целта е да се креира авантгарден, современ и различен електро-изглед“ – изјави Gorden Wagener, одговорниот за дизајн во Daimler. Она што ќе ги истакнува Generation EQ електричните возила се црниот преден панел на кој гордо стои осветлена ѕвезда на Mercedes.  Ентериерот нуди четири индивидуални седишта, а низ целата внатрешност се проткајува минималистички и футуристички дизајн.

Луѓето од Mercedes-Benz се надеваат дека додека да пристигнат EQ возилата на пазарот, времињата потребни за полнење значително ќе се намалат. Дополнително, ја истакнуваат важноста на European Combined Charging System (ECCS) стандардот кој треба да биде прифатен низ целиот континент. Во моментов, концептот може да се полни традиционално преку електрична мрежа, брзо да се напојува преку соодветен полнач, или пак безжично на локации кои нудат такво полнење. Инженерите кажуваат дека пет минути полнење би биле доволни за 100 километри автономија.

Конечно, за време на претставувањето на Generation EQ во Париз, претседателот на Mercedes-Benz – Dieter Zetsche – кажа дека серискиот модел ќе чини исто како „добро опремен Mercedes-Benz GLC“ и додаде дека до 2025-тата година Daimler ќе има 10 целосно-електрични модели на пазарот.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.