Јапонскиот производител во Париз ќе ја претстави најновата генерација на урбаната Nissan Micra!
Nissan ги објави првите официјални фотографии од новата Micra – но не откри премногу детали. Всушност, она што можеме да го видиме е дел од предниот дел, и дел од задниот дел. Сепак, од Nissan најавуваат дека новата Micra ќе биде значително попривлечна и поинтересна за младите купувачи.
Дизајнерите на Nissan сакаат да вбризгаат малку емотивност во помалите автомобили, а новата Micra го најавува токму тоа. Веќе знаеме дека новиот јапонски супермини ќе биде понизок и поатлетски граден, а шпионските фотографии најавуваат заден спојлер и скриени рачки на задните врати. Новиот модел најверојатно ќе биде поставен на нова платформа која се вика CMF-B и ќе се користи и за наредниот Juke. Под поклопецот се очекува Nissan да вгради ефикасни мотори со три и четири цилиндри.
Со новата Micra, Nissan сака да им стави на знаење на европските конкуренти во сегментот дека имаат сериозен играч. Да почекаме уште неколку дена!