full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Porsche Panamera E-Hybird – 462 коњски сили и 2.5 литри на 100 километри!

Porsche продолжува да ја проширува новата гама на Panamera – денес ја претстави хибридната изведба на новиот седан која нуди електрична автономија од 50 километри, и екстремно-ниска потрошувачка од само 2.5 литри бензин на 100 километри!

Новата Panamera E-Hybrid има системска моќност од вкупно 462 коњски сили. Хибридниот погон (кој вклучува електромотор кој нуди 136 коњски сили и 400 Nm вртежен момент) му овозможува на големиот седан да забрза до 100 километри на час за 4.6 секунди и да постигне максимални 278 километри на час. Бензинскиот мотор во равенката е нов, 2.9-литарски битурбо V6 кој самостојно испорачува 330 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. Истовремено, за прв пат во хибридна Panamera ќе се нуди PDK менувач со двојна спојка.

Литиум-јонската батерија нуди капацитет од 14.1 kWh, а полнењето трае 5.8 часа, односно 3.6 часа со брзо полнење. Како што веќе напоменавме, хибридната Panamera на електрична енергија нуди автономија од 50 километри, а во зависност од потребите на возачот може да работи во неколку различни режими – тука се Sport и Sport Plus режимите, но хибридот добива уште четири режими – E-Power, Hybrid Auto, E-Hold и E-Charge. Во зависност од избраниот режим, инструментите прикажуваат различни податоци.

Panamera 4 E-Hybrid ќе биде официјално прикажана во Париз, но нарачките се веќе отворени. Цената во Германија ќе започнува од околу 100.000 евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.