full screen background image
Search

Студенти од ФЕИТ го промовираа електричниот Феитмобил!

Студентите и нивните ментори од Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии денес гордо го промовираа својот проект – електричниот картинг кој го нарекоа Феитмобил!

Електричниот картинг е реализиран во рамки на проектот „Проектирање и реализација на електрично возило“ на тимот ЕЛ-КА, започнат во октомври минатата година, финансиски поддржан од Факултетот за електротехника и информациски технологии и од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

„Навистина сме горди на тимот студенти кои успеаја за неполни десет месеци да го креираат ова картинг возило. Овие 15 студенти од студиската програма Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија, секојдневно, работеа на неговата реализација, под менторство на професор д-р Гога Цветковски и професор д-р Снежана Чундева, како и други професори од ФЕИТ. Целта на проектот е да се изработи електричен картинг кој ќе биде погонуван од електричен мотор напојуван од акумулаторски батерии. Ние како факултет секогаш сме подготвени, на секој можен начин, да ги поддржиме студентските иницијативи и да дадеме придонес во развојот на технологијата во Македонија“ – рече професор д-р Христина Спасевска, продекан за настава на ФЕИТ.

Проектот се одвива во неколку фази кои вкупно ќе траат три години. Претставувањето на овој електричен картинг е само првата фаза – понатаму се планира модернизирање и подобрување на возилото – подобрување на системот за сопирање, регенерација на електрична енергија, итн.

Феитмобилот е напојуван од 4 батерии со вкупен капацитет од 220 ампер-часа. Има вкупна моќност од 2.5 киловати и нуди автономија на движење од околу 30-тина минути. Тежи околу 300 килограми и постигнува максимална брзина од 30 километри на час.

Им честитаме на младите студенти и нивните ментори, и им посакуваме уште многу, многу успеси во иднина!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.