Официјално: Пристигна новата генерација на Audi A5 и S5 Coupe – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Пристигна новата генерација на Audi A5 и S5 Coupe

Audi официјално ја претстави новата генерација на моделите A5 и S5, која сега изгледа помодерно и добива голем број нови технологии.

Како што е карактеристично за Германскиот бренд, дизајнот е еволуција од претходната генерација, со почисти форми, поостри линии и поистакнати облини, слично како кај сегашниот A4. Купе моделот е поставен на MLB evo платформа, која му обезбедува намалување на тежината за 60 килограми во споредба со претходникот и покрај подолгото меѓуоскино растојание и поширокиот траг на тркалата. Новиот Audi A5 може да се пофали со водечки коефициент на воздушен отпор во класата од само 0.25 Cd.

Палетата на погонски единици содржи два бензински и три дизел мотори. Силата започнува од 187 кс кај основните 2.0-литарски бензински и дизел мотори, следени од 248 коњски сили од 2.0-литарскиот бензински мотор. Audi исто така нуди 3-литарски V6 TDI мотор со 215 или 268 коњски сили. Новиот S5 Coupe е погонуван од нов 3.0-литарски турбо-бензински V6 кој испорачува 350 коњски сили кон сите четири тркала.

2017-Audi-A5-S5-28

Како моментално најмоќен модел во гамата, новиот S5 Coupe може да забрза од 0-100 км/ч за само 4.7 секунди. Истовремено ново-развиениот турбо V6 агрегат може да се пофали со просечна потрошувачка на гориво од 7.3 литри на 100 километри – во идеални услови, секако.

Моделите со четири цилиндри и послабите верзии од 3-литарскиот V6 TDI може да се усогласат со шест-степен мануелен или седум-степен автоматски менувач со двојна спојка. Посилната верзија од 3.0-литарскиот V6 TDI со 268 кс и моделот S5 ќе бидат во понуда исклучиво со осум-степен автоматски менувач, а како опција за двата модели Audi ќе понуди и спортски диференцијал за задната оска, со цел да овозможи подобро управување.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Über-караван со 630 коњски сили - претставен Audi RS 6 Avant GT!

2017-Audi-A5-S5-4

Благодарение на подолгото меѓуоскино растојание кабината сега е попросторна од порано. Дизајнот на инструмент таблата е истиот од А4, и се одликува со континуирана решетка за вентилација, амбиентално осветлување и Virtual Cockpit дисплеј како опција. Системот за информации и забава користи 8.3-инчен дисплеј контролиран преку познатото ротирачко копче за притискање и подлога чувствителна на допир.

Новата генерација на A5 Coupe исто така доаѓа опремена со најновите системи за активна безбедност, како Stop&Go адаптивниот темпомат со асистент за сообраќаен метеж, асистент за избегнување на судир и Pre Sense системите на Audi.

Новите A5 и S5 модели ќе се појават во салоните на Audi во текот на оваа есен.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.