full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 308 1.6 BlueHDi 100 Style – Во вистинско светло

Повторно се дружевме со Peugeot 308 – овој пат опремен со 100-коњски турбодизел и одличното Style ниво на опрема. Францускиот хечбек ја продолжува приказната за комфорен и динамичен автомобил, но овој пат со опремата која му прилега!

Кога пред точно две години за прв пат седнавме зад воланот на најновата генерација на Peugeot 308, останавме позитивно импресионирани од динамичните можности и авантгардниот пристап кај францускиот хечбек. Сепак, основното ниво на опрема значеше дека не успеавме да го видиме 308 во она светло во кое инженерите на Peugeot го замислиле – па затоа повторно имавме можност да поминеме малку време со горделивиот французин.

Современ, привлечен, безвременски дизајн

peugeot-308-style-carclub-frontlow

Еднаш веќе зборувавме за дизајнот, но нема да биде лошо повторно малку да се навратиме на него. Металик-сребрената боја одлично му прилега на автомобилот, а нам ни се допаѓаат и чистите и функционални линии. Особено ни се допаѓа како е изведен задниот дел со острите линии и тродимензионалните задни светлосни групи. Исто како и пред две години ни се наметнува заклучокот дека со 308, дизајнерите на Peugeot навистина „го погодија“ дизајнот и автомобилот изгледа модерно – всушност, сигурни сме дека ова ќе биде еден од оние, безвременските дизајни кои и по многу време ќе изгледаат современо.

peugeot-308-style-carclub-rearlights

Авантгардна кабина, спортски седишта и несекојневен ентериер

peugeot-308-style-carclub-interior3

Онаму каде овој автомобил се издвојува од автомобилот кој пред две години го возевме е ентериерот. Иако на основниот модел не му недостасува ништо, сепак одлично е да се седне во автомобил и да се видат сите негови можности. Благодарение на Style нивото на опрема, веднаш ги забележавме многуте детали во ентериерот. Веднаш штом ја отворивме вратата, ги препознавме покомфорните седишта кои се поспортски профилирани и нудат одлична странична поддршка.

Поврзано:   Радикалниот Peugeot 508 пристигна и на македонските патишта

Меѓу другото, ни се допаднаа и управувачот и менувачот обложени со кожа, но и централниот мултимедијален уред кој можеби не е најлесниот за користење, но лесно се навикнавме на него и дефинитивно прави огромна разлика во севкупното чувство во ентериерот.

peugeot-308-style-carclub-interior2

На задната клупа Peugeot 308 е на ниво на своите директни конкуренти – по потреба ќе се сместат и тројца патници, но идеално би било за двајца. Онаму каде 308 се издвојува од конкурентите е понудата на багажен простор – францускиот хечбек нуди дури 470 литри капацитет во багажникот, значително повеќе од конкуренцијата. Прегледноста од предните седишта и од задната клупа е многу добра, а сето тоа резултира со лесно маневрирање во град и комфорно возење на отворен пат.

Повторно моравме да се навикнеме на малиот управувач кој Peugeot го става во своите возила, но кога ќе го прифатите како дел од амбиентот, чувството на маневрабилност кое го овозможува не можете да го добиете кај ниту еден друг автомобил од оваа класа.

peugeot-308-style-carclub-interior4

308 е ориентиран кон комфор, но веднаш се препознаваат неговите динамични особини

peugeot-308-style-carclub-frontlow-wide

Кога веќе зборуваме за маневрабилноста, да зборуваме и за возните својства. Како и минатиот пат, и овој пат веднаш се препознаваат динамичните карактерни особини на 308, иако тој примарно е ориентиран кон комфор. 308 толку добро ги впива нерамнините од нашите патишта, што за момент помисливме дека можеби немаме доволно воздух во пневматиците. За оние кои сакаат да патуваат во скоро беспрекорен комфор, ова е автомобилот.

Од друга страна, немојте да помислите дека 308 не е забавен по свиоци – во ред, можеби има малку повеќе навалување на каросеријата во однос на конкурентите, но 308 подготвено ја менува насоката на движење и нуди динамичност која кај неговите претходници недостасувала. Сето ова се должи и на EMP2 платформата благодарение на која 308 е и до 100 килограми полесен од претходникот, а сето тоа резултира со намалена потрошувачка и подинамично управување.

Поврзано:   Протекоа првите фотографии од новиот Peugeot 208!

peugeot-308-style-carclub-rear

Економичен турбодизел со 100 коњски сили; „стотка“ за 11.8 секунди, максимални 184 километри на час

Нашиот тестен модел дојде со 1.6-литарски BlueHDI турбодизел кој целосно ги исполнува EURO 6 стандардите. Моторот ветува 100 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 254 Nm вртежен момент од само 1750 вртежи во минута. Моќта се пренесува кон предните тркала преку 5-степен мануелен менувач. Менувачот е прецизен, но со малку подолг од, а би посакале и шестти степен на пренос за уште покомфорно крстосување на отворен пат, но сепак не можеме да ги негираме резултатите.

Во град измеривме потрошувачка која се движеше околу 6 литри на 100 изминати километри, додека на отворено бројката е значително пониска. Peugeot 308 опремен со овој мотор забрзува до 100 километри на час за 11.8 секунди, а максималната брзина е 184 километри на час – перформанси кои се повеќе од соодветни за фамилијарен хечбек.

peugeot-308-style-carclub-interior1

Style опремата навистина го претставува 308 во вистинско светло. Ги издвојуваме автоматскиот двозонски клима уред, старт-стоп системот, целиот грст воздушни перничиња и системи за активна и пасивна безбедност, мултифункционалниот мултимедијален уред со дијаметар од 9.7 инчи и можност за USB и Bluetooth поврзување, темпоматот, електричното нагодување на страничните ретровизори, затемнетите стакла, алуминиумските фелни, кожниот управувач со вградени команди, спортските седишта и уште многуте други детали кои ја оформуваат сликата за 308. Ова е она што инженерите на Peugeot го замислиле!

peugeot-308-style-carclub-style

Ова е 308 како што инженерите на Peugeot го замислиле – во вистинско светло!

Сите ние сакаме „играчки“ во нашите автомобили. Сакаме тие да бидат убаво опремени, и кога еднаш ќе повозиме автомобил кој може многу да понуди, секогаш ќе го сакаме тоа. Затоа, Peugeot 308 не само што ги исполни, туку ги надмина нашите очекувања. Богатата опрема во комбинација со привлечниот дизајн и моќниот турбодизел го прават 308 Style да биде одличен избор за оние кои сакаат опремен, комфорен, просторен и економичен автомобил – во вистинско светло!

  • Мотор: 1.6-литарски турбо-дизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 92 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 230 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 184 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.8 секунди
  • Должина: 4476 mm
  • Ширина: 1815 mm
  • Висина: 1498 mm
  • Тежина: 1160 килограми
  • Меѓуоскино растојание: 2608 mm
  • Багажен простор: 470 литри
  • Потрошувачка: 6.2 литри на 100 километри (измерена, градска) 5.2 литри на 100 км (официјална, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Peugeot 308 1.6 HDI 100 Style – 17.690 Евра
    Повеќе информации: Peugeot.com.mk
Поврзано:   ТЕСТ: Peugeot 3008 1.6 BlueHDI 120 Allure – Оправдано посакуван

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.