full screen background image
Search

Повеќе информации за новата Alfa Romeo Giulia

Секој автомобилски фан знае дека Alfa Romeo Giulia Quadrifoglio е најбрзиот седан со четири врати на Нирбуринг, благодарение на поставеното време од 7 минути и 39 секунди. Тоа е побрзо од Chevrolet Camaro ZL1 и Lamborghini Murcielago, што кажува многу за перформансите на овој модел.

Срцето на ѕверот е 2.9-литарскиот бензински твин-турбо V6 агрегат со сила од 510 коњски сили. Но да ги спуштиме нашите нозе на земја за момент и да се согласиме дека многу мал дел од купувачите имаат 80,000 евра да ги потрошат на Giulia. Суровата реалност е дека повеќето ќе одат на помалку скапи модели, како оние опремени со 2.0-литарскиот GME T4 турбо бензински и 2.2-литарскиот JTDM дизел агрегат.

Да почнеме со оној кој конзумира високо-октански бензин во количина од 5.9-литри на 100 километри во комбинирано возење. Достапен единствено со 8-степен автоматски менувач, 2.0 турбо бензинскиот мотор развива 200 кс и 300 Nm вртежен момент. Тоа е доволно за забрзување до 100 км/ч за 6.6 секунди. Прилично добро за компактен премиум седан.

Што се однесува до 2.2-литарскиот дизелски агрегат, спецификациите се следните:

– 150 кс, 380 Nm, 6-степен мануелен менувач, 7.9 секунди; потрошувачка: непознато
– 180 кс, 380 Nm, 6-степен мануелен менувач, 7.2 секунди; потрошувачка: 4.2 л/100 км
– 180 кс, 450 Nm, 8-степен автоматски менувач, 6.8 секунди; потрошувачка: 4.2 л/100 км
– 180 кс, 450 Nm, 8-степен автоматски менувач, 6.9 секунди; потрошувачка: 3.8 л/100 км

Само 2.0-литарскиот турбо-бензинец ќе биде достапен со погон на сите четири тркала. И да, нема информации за најмалку моќниот дизел достапен во Европа. Што се однесува до двете навидум идентични варијанти од 180 коњскиот дизел, вториот од нив е поекономичен бидејќи Alfa Romeo го опремиле со новиот Eco систем. Тоа е пакет кој ја зголемува економијата на возење на сличен начин како што тоа го прави Audi со нивниот A4 2.0 TDI ultra и она што BMW го прави со 320d EfficientDynamics.

Поврзано:   Вечерно Кино: Kimi Räikkönen и Antonio Giovinazzi ја возат Alfa Romeo Giulia GTA!

Alfa Romeo исто така ги нагласуваат некои од иновативните технологии на моделот, како електромеханичкит систем кој ја комбинира контролата за стабилност со традиционалната серво сопирачка, предупредување за опасност од судир со автономна сопирачка за итни случаеви и детекција за пешаци, како и активен аеро сплитер (само кај Q верзијата).

Автомобилот ќе биде понуден во три нивоа на опрема: Giulia, Super и Quadrofoglio. Основниот модел доаѓа добро опремен со темпомат со граничник на брзината, 16-инчни алуминиумски тркала, дво-зонска клима и Connect 6.5-инчен Инфотаинмент систем.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.