full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 508 2.0 HDI Allure Auto – Лавот, припитомен

Големиот француски седан не ни е непознат автомобил – но ја искористивме можноста подобро да ја запознаеме неговата најлуксузна и најкомфорна варијанта!

Кога минатата година прв пат го возевме фејслифтот на големиот 508, нашето неколкудневно дружење го завршивме со позитивни импресии, но со некои ситни забелешки – главно во однос на мануелниот менувач кој беше претврд и малку несоодветен на голем и комфорен седан.

Овој пат се дружиме со 508 Allure, зајакнат со автоматски менувач

peugeot-508-carclub-rear

Овој пат имавме можност да поминеме неколку дена со 508 во Allure ниво на опрема, дополнително „зајакнат“ со 6-степен автоматски менувач – и приказната за голем, комфорен и тивок седан е навистина комплетна.

Сепак – како и секогаш – да започнеме од екстериерот. Allure нивото на опременост носи ситни додатоци кои прават голема разлика. Тука ќе ги издвоиме одличните LED предни светлосни групи и 17-инчните фелни кои идеално ја заокружуваат сликата за компетентен деловен седан. Инаку – приказната ни е веќе добро позната – веќе знаете дека со значителниот фејслифт 508 стана попривлечен и подостоинствен, а чистите линии и класичните пропорции го прават овој дизајн подолготраен и поробустен. Особено ни се допаѓаат задните светлосни групи кои имаат интересна тродимензионална графика.

Не можеме да негираме дека ова е комфорно и пријатно место за седење.

peugeot-508-carclub-interior1

Ја отвораме возачката врата и нè пречекува ентериер кој не ни е непознат и веднаш станува јасно дека примарната цел е комфорот. Ниско поставената централна конзола овозможува одлична прегледност, седиштата кои се делумно пресвлечени во кожа се комфорни и нудат повеќе од доволно поддршка, и иако се седи малку превисоко за наш вкус сепак не можеме да негираме дека ова е комфорно и пријатно место за седење. Инструментите се прегледни и јасно разбирливи а големиот мултимедијален уред покрај стандардните можности нуди и прецизен систем за навигација.

Поврзано:   ВОЗЕВМЕ: Новиот Peugeot 208 во Португалија - Вистински хај-тек супермини!

peugeot-508-carclub-interior3

На задната клупа ќе се сместат и тројца патници, а ќе имаат навистина многу простор – како за нозете, така и за главите. За возачот и совозачот нема потреба да зборуваме – во 508 има простор како во седан кој е класа поголем.

peugeot-508-carclub-interior2

Ова е тоа – ова е 508 кој инженерите го замислиле!

Во ред, време е да почнеме со возењето. Наоѓаме комфорна и прегледна возачка позиција, го стартуваме дволитарскиот турбодизел кој изненадува со својата рафинираност, го префрламе автоматскиот менувач во D и тргнуваме. Веднаш, уште на самиот старт станува јасно дека ова е тоа – дека ова е 508 кој инженерите на Peugeot го замислиле. Автоматскиот менувач прави огромна разлика и совршено одговара на карактерот на голема и комфорна деловна лимузина.

peugeot-508-carclub-front1

Низ градските улици и во урбаниот метеж автоматскиот менувач одлично си ја извршува должноста – менувањето на брзини е скоро незабележливо. Резултат на тоа е полесно справување со „тргни-застани“ ситуациите кои се неизбежен дел од возењето низ град. Од друга страна, неизбежен е фактот дека 508 е голем автомобил кој за некои би бил можеби преголем во градски услови – но бидете сигурни дека маневрирањето е лесно благодарение на добрата прегледност, а паркирањето е олеснето бидејќи 508 има задни сензори за паркирање.

На отворен пат е местото каде 508 вистински се пронаоѓа себеси. Како што резимиравме кога прв пат седнавме зад воланот на големиот француски седан, збор на денот е комфор. Суспензијата е ориентирана кон комфор, и иако нашиот тестен модел имаше 17-инчни фелни со соодветни пневматици, сепак во кабината е тивко и мирно, а комбинацијата од 2-литарскиот турбодизел и автоматскиот менувач се покажа како идеална. Претекнувањето е лесно – сè што треба да направите е да ја запознаете педалата за гас со патосникот под неа и забрзувањето е линеарно, предвидливо и лесно за контролирање – а тоа ви дава доверба во автомобилот која едноставно мора да постои кај крстосувач од овој вид.

163 коњски сили, 340 Nm, „стотка“ за 9.2 секунди, максимални 225 километри на час

peugeot-508-carclub-interior4

Тестниот автомобил дојде придвижуван од 2-литарскиот турбодизел кој нуди 163 коњски сили 3750 вртежи во минута и одлични 340 Nm вртежен момент при 3000 вртежи во минута. Максималната брзина е 225 километри на час а забрзувањето до 100 километри на час трае 9.2 секунди. Тоа се бројки кои се сосем задоволителни со оглед на големината на 508. Официјалните податоци зборуваат за потрошувачка од 7.6 литри во градски услови – ние измеривме малку поголема, односно околу 9 литри на 100 километри – бројки кои се сосем соодветни за голема лимузина и автоматски менувач.

Поврзано:   Тимот позади Peugeot 208 доби Eurostars 2019 награда од Automotive News Europe

peugeot-508-carclub-details

Кога идеалната комбинација од мотор и менувач ќе ги услогласите и со опременоста – тогаш јасно е дека зборуваме за една од најдобрите изведби на 508. Нашиот тестен модел дојде со автоматски четиризонски клима уред, LED предните фарови кои се вртат во свиоци и автоматски ги вклучуваат и исклучуваат долгите светла, 17-инчни фелни, беспрекорен keyless систем, навигациски уред, загревање на седиштата кои се делумно обвиени во кожа, темпомат со ограничување на брзината, грст сензори за дожд и светлина, сензори за паркирање и уште многу, многу повеќе. Всушност, Peugeot 508 во оваа комбинација е достоен конкурент на автомобили кои чинат значително повеќе. Секако, не смееме да ја игнорираме ниту безбедноста која е веќе добро докажана – 508 освои 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата, а тестниот модел дојде со ABS, ESP, цела лепеза на воздушни перничиња и завеси, и уште многу, многу други додатоци.

peugeot-508-euroncap

Лавот можеби е припитомен, но сепак е лав и секогаш ќе бара почит!

peugeot-508-carclub-front-lights

На крајот – можеби ќе прашате – зошто лавот, припитомен? Бидејќи комфорниот карактер, опуштеното возење и идеалната комбинација од турбодизел и автоматски менувач идеално ја карактеризираат примарната цел на 508 – мирно и безгрижно возење. Но сепак, колку и да е припитомен лавот – тој секогаш ќе биде лав и ако го испровоцирате, подготвен е да биде слушнат и да побара максимална почит!

  • 2-литарски турбо-дизелски мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 163 коњски сили / 3750 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 340 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 225 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.2 секунди
  • Должина: 4830 mm
  • Ширина: 2068 mm (со ретровизори)
  • Висина: 1456 mm
  • Тежина: 1520 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2817 mm
  • Багажен простор: 515 литри
  • Потрошувачка: 7.6 (официјална, градска), 9.1 (измерена, градска), 8.2 (измерена, комбинирана)
  • Цена на тестираниот модел: Peugeot 508 2.0 HDI Allure Auto – 33.430 евра
    Повеќе информации: Peugeot.mk
Поврзано:   Peugeot со специјална понуда за 308 - Вози се со Style!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.