Премиера: Mercedes-AMG S65 Cabriolet – V12 симфонија со 630 коњски сили под отворено небо! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Mercedes-AMG S65 Cabriolet – V12 симфонија со 630 коњски сили под отворено небо!

Германскиот производител ја прошири понудата на S-Class со отворениот S65 AMG Cabriolet кој нуди дури 630 коњски сили од својот 6-литарски битурбо V12 бензинец!

Новиот луксузен кабриолет кој доаѓа од Mercedes-AMG ја носи ознаката S65 – а тоа значи 6-литарски би-турбо V12 бензинец кој нуди 630 коњски сили и (внимавајте сега) 1000 Nm вртежен момент – кои му овозможуваат на овој ултра-луксузен отворен крстосувач да забрза до 100 километри на час за 4.1 секунда и да продолжи да забрзува сè до електронски ограничените 250 километри на час.

Според Mercedes-Benz и NEDC тестирањата, S65 Cabriolet троши 12 литри гориво во комбинирани услови . Сепак, да бидеме искрени – автомобилот ниту троши само 12 литри гориво на 100 километри, ниту пак некому му е грижа за тоа. Моќта се пренесува кон задните тркала преку AMG Speedshift Plus 7G-TRONIC трансмисија, а за пренесување на моќта кон подлогата се задолжени 20-инчни тркала обвиени во 225/40 предни и 285/35 задни гуми.

S65 Cabriolet има мек покрив на кој му се потребни 17 секунди да се отвори или затвори при брзини до 50 километри на час и може да се добие во црна, темно сина, беж или темно црвена боја. Кровот е изработен од трослоен материјал кој нуди одлична акустична изолација.

Сега за сега цените не се објавени – но ако веќе морате да прашате, најверојатно не можете да си го дозволите.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.