ТЕСТ: Hyundai Tucson 2.0 CRDi 4WD Elite – Ново поглавје! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Hyundai Tucson 2.0 CRDi 4WD Elite – Ново поглавје!

Новиот Hyundai Tucson враќа во употреба старо и добро-познато име – но со целосно нов лик! Ние имавме можност да поминеме неколку дена со најопремената и најмоќна дизелска верзија и да ги запознаеме сите страни на новиот корејски SUV!

Кога за прв пат се појавија фотографии од новиот Tucson, останавме импресионирани со радикалната промена на дизајнерската насока на Hyundai. Во ред – се забележуваат некои карактерни детали кои се неизбежен дел од генетиката на Hyundai – како што е големата хексагонална маска на ладилникот – но новиот Tucson скоро и да нема визуелни допирни точки со ix35.

Навистина нема друг начин да се каже ова – Tucson изгледа одлично!

hyundai-tucson-carclub-outside-backfront

Гледајќи го новиот Tucson, не можеме а да не признаеме дека изгледа одлично од скоро сите агли. Новата предна маска е позаострена и поистакнати се пропорциите на предниот дел, а големите и широки светлосни групи имаат агресивен, дури лут лик. Привлечно извајаниот преден дел се проткајува и околу страниците каде растечката карактерна линија оддава чувство на динамичност и подготвеност за секакво возење, а задниот дел кохренетно ја заокружува сликата за модерен и спортски-настроен SUV.

hyundai-tucson-carclub-siderear

Особено добро изгледаат и големите, 19-инчни фелни со кои беше опремен нашиот тестен модел и одлично ги пополнуваат големите широки крила на автомобилот. Навистина нема друг начин да се каже ова – Tucson изгледа одлично, а сето тоа се должи на влијанието и водството на Peter Schreyer, човекот кој е одговорен за дизајн во Hyundai и го потпишува дизајнот на автомобилот кој денес го имаме пред нас.

Комфорен и практичен ентериер – ова не е лошо место за поминување повеќе километри.

hyundai-tucson-carclub-interior1

Ја отвораме возачката врата и нè пречекува ентериер кој изгледа модерно и прегледно. Се сместуваме во возачкото седиште и лесно наоѓаме комфорна и прегледна возачка позиција. Повисокото седење ја помага прегледноста, а кожните седишта се комфорни како низ град, така и на подолги релации. Возачот и совозачот, но и патниците на задната клупа ќе имаат доволно простор – дури и ако на предните седишта седат повисоки возач и совозач.

Поврзано:   Hyundai и Iveco работат на заедничко електрично комерцијално возило

hyundai-tucson-carclub-interior-seats1

Ергономијата е прилично добра – сите команди се јасни, прегледни и лесно разбирливи, но ќе забележиме дека само возачкиот прозорец има функција за автоматско отворање и затворање. Пластиките во ентериерот се квалитетни, но би сакале да се малку помеки на допир. Сепак, ова воопшто не е лошо место за поминување повеќе километри.

hyundai-tucson-carclub-interior-seats2

Tокму тука Tucson нуди колку што може повеќе со цел да ја достигне и надмине докажаната конкуренција (која доаѓа како од Европа, така и од далечниот исток). Tucson има 30 милиметри подолго меѓуоскино растојание од својот претходник – и тоа веднаш се забележува, како по визуелно-погодените пропорции на надворешноста, така и по понудата на простор во ентериерот.

hyundai-tucson-carclub-boot

Како што веќе напоменавме, и на задната клупа има доволно простор за патниците, а на располагање им стојат 513 литри багажен простор (меѓу најголемата понуда во класата), со можност тие да нараснат на 1503 литри со спуштање на задните седишта.

„Стотка“ за 9.9 секунди, максимални 201 километар на час!

Време е да започнеме да се движиме. Низ градските улици маневрирањето и паркирањето е лесно – а тоа го овозможуваат супер-лесниот серво-управувач и мазниот автоматски менувач. Менувањето на степени на пренос е скоро незабележливо – па сè што треба да направите е да ја повлечете рачката во D и да уживате во лесното возење. Единствената забелешка што ја имаме во однос на менувачот е неговата неподготвеност да префрли во највисок степен на пренос, особено во градско возење. Од друга страна, иако Tucson не е мал автомобил, сепак лесно ќе се паркирате благодарение на сензорите и камерата за паркирање.

hyundai-tucson-carclub-enginebay

Нашиот тестен модел дојде со најмоќниот турбодизел кој се нуди во Tucson. Под поклопецот се крие 2-литарски CRDI турбодизел кој според фабричките спецификации нуди 185 коњски сили при 3800 вртежи во минута и 400 Nm вртежен момент од 1750 до 2750 вртежи во минута. Опремен со автоматски менувач и овој мотор, на Tucson му се потребни 9.9 секунди да стигне до 100 километри на час и ќе постигне максимална брзина од 201 километар на час. Според фабричките податоци, Tucson троши 8 литри на 100 километри, но ние измеривме потрошувачка која се движеше меѓу 10 и 10.5 литри на 100 изминати километри во градски услови.

Поврзано:   Hyundai го освежи Bayon за 2024 година

hyundai-tucson-carclub-front

Управувањето е директно и прецизно, а стабилноста е одлична – нешто што сигурно се должи и на големите тркала и нископрофилните гуми. Од друга страна, нископрофилните гуми се покажуваат како малку некомфорни во градски услови и пренесуваат забележлив дел од ситните нерамнини во ентериерот, иако суспензијата сосем добро си ја врши работата и филтрира голем дел од несаканите вибрации кои инаку би се почувствувале во кабината. Кога станува збор за подуправување и надуправување – навистина нема потреба да зборуваме за тоа во контекст на еден SUV, но можеме да го пофалиме Tucson дека се однесува неутрално и лесно ја менува насоката на движење без притоа да има преголемо навалување во свиоци што е типично за еден ваков автомобил. Имавме можност малку да го напуштиме асфалтот и да ги пробаме теренските способности на Tucson, и со задоволство можеме да кажеме дека погонот на сите четири тркала без никакви потешкотии ќе се справи со сите предизвици кои просечниот сопственик ќе му ги постави.

На отворен пат се забележуваат подобрувањата кои инженерите на Hyundai ги имаат направено во однос на звучната изолација. Во контекст на класата и конкуренцијата, Tucson е тивок и комфорен сопатник а возењето е лежерно и опуштено. При брзини од околу 120 километри на час во кабината лесно се разговара со совозачот и патниците, па нема да има потреба да се напрегате и да се довикувате со останатите.

Богата опрема и максимални 5 ѕвездички на EuroNCAP

hyundai-tucson-carclub-details-interior

Мораме да ја пофалиме опременоста на нашиот тестен модел – навистина долгата листа на опрема со која дојде нашиот автомобил е импресивна. Ги издвојуваме одличните предни светла светла, двозонскиот клима уред, сончевиот кров, мултимедијалниот уред со можност за Bluetooth поврзување и навигација, паркинг камерата, големите 19-инчни фелни, кожните седишта со загревање, сензорите за дожд, keyless системот, внатрешен ретровизор со автоматско затемнување, електрично-преклопливите ретровизори, и уште многу, многу други детали кои ја компплетираат сликата за богато-опремен автомобил.

Поврзано:   Hyundai Staria добива хибридна опција

hyundai-tucson-euroncap

Секако, не смееме да заборавиме на безбедноста. Веќе од основното ниво на опрема Tucson доаѓа со ABS систем против блокирање на сопиралките, EBD систем за дистрибуција на силата на кочење и ESP систем за контрола на стабилноста, како и грст воздушни перничиња и воздушни завеси. Благодарение на сето ова, Tucson освои максимални пет ѕвездички на EuroNCAP тестирањата за безбедност на автомобилите.

Tucson има силни асови во ракавот – дизајнот, опремата и моќниот мотор!

Повеќе од очигледно е дека луѓето од Hyundai настапуваат амбициозно и дека сакаат да го продолжат успехот кој го постигна ix35 – а сето тоа не би било возможно доколку продуктот кој го пласираат на пазарот не е навистина компетентен и компетитивен. Новиот Tucson има многу работи кои се на неговата страна – започнувајќи од одличниот дизајн, па се до моќниот мотор и долгата листа на дополнителна опрема. Доколку барате автомобил од овој сегмент – би ви кажале дека не само што не смеете да го заобиколите Tucson, туку и ќе направите голема грешка ако го направите тоа!

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 185 коњски сили / 3800 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 400 Nm / 1750-2750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 201 км/час
  • Забрзување 0-100: 9,9 секунди
  • Должина: 4475 mm
  • Ширина: 1850 mm
  • Висина: 1650 mm
  • Тежина: 1779 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2670 mm
  • Багажен простор: 513 литри
  • Потрошувачка: 10.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Hyundai Tucson 2.0 CRDi Elite 4WD Automatic – 34.490 Евра
    Повеќе информации: Hyundai.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.