ЕП на ридски патеки – Италија: Мамутската патека во Италија – нов предизвик за Иџе! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ЕП на ридски патеки – Италија: Мамутската патека во Италија – нов предизвик за Иџе!

Најголемиот овогодишен предизвик за европскиот шампион – Игор Стефановски – е викендов во Италија!

 

Иџе доаѓа на седмата трка од Европското првенство на ридски патеки каде викендов го очекува најтешката патека, не само во календарот за 2015, туку и една од најтешките на Стариот континент. Карванот гостува во Италија на патеката Тренто-Бондоне која е максимално импресивна по сите стандарди. Нејзината должина изнесува огромни 17,3 километри (вообичаениот европски просек е меѓу 5 и 7 километри), тргнувањето е од надморска висина од 275 метри, а целта е буквално “под облаците“ на врвот Монте Бондоне на 1.650 метри со просечна нагорнина од неверојатни 8,88 отсто. Има безброј свиоци и дури 40 “лактови“. Ваквиот тип на патеки се реткост и се вистински испит и за возилото и за тркачот.

„Патеката е неверојатна од секој аспект. Се што е поврзано со неа е џиновско и масивно, и должината и свиоците и нагорнината. Минатата година оваа патека не беше во календарот, па затоа за прв пат ќе се соочиме еден со друг – вели Иџе. – Навистина предизвикот е огромен, нема шанси да се научи толку долга патека, дополнително треба возилото поинаку да се подготви затоа што ќе треба да истрпи енормно голем напор. На минатата трка во Полска го искористив присуството на италијанската натпреварувачка Габриела Педрони која ми откри некои специфики околу подготовката на возилото за оваа патека.

Во однос на пријавените, вкупниот нивен број изнесува 235. Во групата Н во која се натпреварува Стефановски има 9 пријавени меѓу кои и двајцата најдобри италијански возачи во оваа група, А. Хафнер и О. Плеј кои се натпреваруваат со исто возило како и Стефановски. Минатата година на Копа Паулино Теодори во Асколи, Иџе имаше жестока битка со Хафнер од која излезе како победник, но овојпат, познавањето на патеката кое го има италијанскиот првак му носи сериозна предност.

Од тоа што го знам, и двата најсилни домашни возачи во мојата група по потекло се од овој регион и оваа трка си ја доживуваат како домашна. Тоа доволно најавува жестока борба за првото место“ – вели Иџе.

За разлика од нашиот ас, неговиот најголем конкурент во генералниот пласман, Чехот Јаромир Мали кој се натпреварува во групата А, ќе има значително полесна задача затоа што најдобриот домашен возач во таа конкуренција, поранешниот европски шампион Руди Бичиато е пријавен само за домашниот шампионат, а не и за Европското првенство. За потсетување, во генералниот пласман Стефановски има максимални 125 бода од 6 трки, а Мали има 111.

Инаку во домашната италијанска јавност најголемо внимание се посветува на дуелот на возачите на прототип возила, европскиот шампион во категорија 2 Симоне Фаџиоли и италијанскиот првак Кристијан Мерли обајцата кандидати за севкупен победник.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.