Mercedes-Benz подготви значително освежување на A-Class! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mercedes-Benz подготви значително освежување на A-Class!

Најмалиот член на Mercedes-Benz семејството доби фејслифт, а со него доаѓаат визуелни измени, ултра-економичен дизел и уште помоќен AMG модел со 381 коњска сила!

Меѓу визуелните измени ќе забележите позашилен преден дел, нови опционални LED предни светла и нови отвори за воздух, а на задниот дел има целосно нови светлосни групи и нови браници, а обичните изведби на A-Class ќе добијат и нови дизајни на тркала. Меѓу другото, редизајниран е и AMG Sport пакетот кој можете да го додадете на било која изведба, а нов додаток е и Motorsport Edition пакетот кој е инспириран од F1 тимот на Mercedes-Benz и можете да го додадете на било која изведба освен AMG.

Во ентериерот ќе добиете нови инструменти, нов мултимедијален уред кој може да биде комбиниран со 8-инчен екран и е истовремено компатибилен со Apple CarPlay и Android Mirrorlink. Забележавме и освежени спортски седишта и нови материјали, но ќе треба да почекаме да пристигне автомобилот кај нас за да можеме со сигурност да ги истакнеме сите детали.

Меѓу моторите, треба да се истакне новиот основен модел кој ја носи ознаката А160 – модел кој носи 1.6-литарски бензинец со 102 коњски сили, како и A180d BlueEFFICIENCY Edition – најекономичната A-Class досега, која благодарение на 1.5-литарскиот турбодизел со 109 коњски сили може да се пофали со потрошувачка од само 3.5 литри на 100 изминати километри. Дискретно засилување од 7 коњски сили добиваат A220d турбодизелот и A250 турбо-бензинецот.

За оние кои сакаат екстремно возење, тука е Mercedes-AMG A45 кој сега има дополнително доработен мотор и наместо 360-те коњски сили кои досега ги нудеше, сега има на располагање 381 коњска слика и 475 Nm вртежен момент. Ова е доволно за 100 километри на час да бидат постигнати за 4.2 секунди, а секако – максималната брзина е ограничена на 250 километри на час. Ревидиран е и 7-степениот DCT менувач со двојна спојка кој сега има нови односи на брзините, а се вградува и нов механички преден диференцијал кој би требало значително да ја подобри тракцијата.

Освежената A-Class ќе се најде кај дилерите од оваа есен.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.