full screen background image
Search

Конечно и официјално – новиот Honda Civic Type R со 310 коњски сили!

Honda Civic Type R ги губи импресивните задни светла од концептот, но ќе дојде „наоружен“ со 2-литарски турбо VTEC бензинец кој испорачува 310 коњски сили и 400 Nm вртежен момент!

Подготвени сме да прогласиме ден на жалост поради фактот дека серискиот Civic Type R ги изгуби импресивните задни светла кои толку добро го комплетираа изгледот на концептот. Сепак, не е сè толку лошо – за придвижување на спортската изведба на Civic е задолжен 2-литарски турбо бензинец со VTEC технологија кој испорачува 310 коњски сили и 400 Nm вртежен момент! Ова му овозможува на Civic Type R да забрза до 100 километри на час за само 5.7 секунди и да постигне максимална брзина од 270 километри на час!

Дополнително, Civic Type R има уникатно изведена предна суспензија и диференцијал со ограничено пролизгување – ова ветува одлична управливост и одлични пероформанси на тркачките патеки – доколку решите таму да го испробате својот автомобил, секако. Кај сите примероци на Honda Civic Type R ќе има и „+R“ копче кое ќе го активира истоимениот режим на работа – а во тој режим добивате поагресивно испорачување на вртежниот момент, подобрена реакција на моторот, зацврстување на суспензијата за 30% и намалена асистенција на серво управувачот.

Позади 19-инчните тркала се кријат големи Type R Brembo кочници кои на предната оска имаат дијаметар од 350 милиметри и клешти со четири клипови. Подготвено за тркачката патека, зарем не?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.