Mercedes-Benz го искористи овогодинешниот CES во Лас Вегас за да го претстави автономниот луксузен седан со кој најавува многу нови технологии и визии за иднината!
Футуристичката студија покажува „како автомобилот се менува од место за транспорт во приватно место за одмор.“ Според Mercedes-Benz, новиот F 015 Luxury in Motion е одговор на светот кој рапидно се менува – до 2030-тата година, бројката големите мега-градови со повеќе од 10 милиони граѓани ќе се зголеми од 30 на преку 40, а возењето автомобил во градски услови ќе стане потешко и пофрустрирачки – и токму тука доаѓа F 015!
„Најважното нешто во 21-виот век се приватниот простор и времето. Автономните возила на Mercedes-Benz ќе го понудат токму тоа – со F 015 Luxury in Motion, овој револуционерен концепт за мобилност станува стварност за прв пат“ – изјави Dieter Zetche, претседателот на Daimler AG.
Фокалната точка на F 015 е неговиот ентериер, односно варијабилниот систем за седење. Во внатрешноста се наоѓаат четири фотелји кои се ротираат и дозволуваат конфигурација за комуникација „лице-во-лице“. Сите четири патници можат да работат, да се релаксираатили да комуницираат. Дополнително, за полесно влегување и излегување седиштата се поместуваат нанадвор за 30 степени кога вратите ќе се отворат. По потреба, доколку рачно управување е потребно, седиштата на возачот и совозачот можат да се завртат нанапред, а воланот се појавува автоматски од конзолата пред возачот.
Разни информации цело време се пренесуваат од надворешниот свет кон патниците преку шест големи екрани кои се интегрирани во панелот со инструменти, но и задните и страничните панели. Патниците можат интиуитивно да комуницираат со возилото преку гестикулации, следење на движењето на очите, или преку допирање на екраните со висока резолуција.
Концептот е долг 5220 милиметри, широк 2018 милиметри и висок 1523 милиметри, и има несекојдневно долго меѓуоскино растојание од 3610 милиметри – со цел да понуди колку што е можно повеќе простор во внатрешноста. Надворешноста е јасна и чиста, без непотребни детали. Предниот и задниот дел се „обликувани“ со голем бројна LED елементи кои можат да се користат за пренесување на информации кон надворешниот свет – на пример, LED светлата можат да покажат дали автомобилот работи автономно (светат сино) или се контролира рачно (светат црвено).
Возилото има електричен погон со горивна ќелија, базиран на F-Cell Plug-In Hybrid системот, позајмен од F125! концептното возило од пред неколку години.