Honda ги објави првите фотографии од освежениот CR-V кој иако нема многу визуелни измени, доаѓа со нов и ефикасен 1.6-литарски турбодизел со 160 коњски сили!
Трепнете и ќе ги пропуштите визуелните измени – неколку нови бои и дизајни на фелни, нови дизајни на предниот и задниот браник, како и суптилно редизајнирани светлосни групи. Во внатрешноста купувачите ќе добијат малку изменета централна конзола и лизгачки централен потпирач. Во ентериерот е нов и Honda Connect, мултимедијален уред кој сега би требало да биде стандарден во целата гама. Овој систем доаѓа со 7-инчен екран кој е чувствителен на допир и нуди пристап до разно-разни информации, задната паркинг камера, Bluetooth поврзување и MirrorLink технологија.
Она што е навистина важно е новиот 1.6 литарски i-DTEC турбодизел кој е дел од Earth Dreams Technology серијата на Honda, и кој нуди 160 коњски сили и 350 Nm вртежен момент! Овој мотор ќе се нуди на верзиите со погон на сите четири тркала и со два менувачи – 6-степен мануелен или со новиот 9-степен автоматски менувач. Овој менувач е значаен за Honda бидејќи со него автомобилите имаат емисија на CO2 за 20% пониска во однос на стариот 5-степен автоматски менувач.
За моделите со погон на предните тркала, тука е 1.6-литарскиот i-DTEC со 120 коњски сили, а во понудата останува и 2-литарскиот i-VTEC бензинец со 155 коњски сили кој сега ги задоволува Euro6 нормите. Овој мотор ќе се нуди како кај верзиите со погон на предни, така и кај верзиите со погон на сите четири тркала.