full screen background image
Search

ТУРБО ТЕСТ: Chevrolet Camaro SS V8 – Голема играчка за големи деца!

Мускулестите автомобили од Америка се несекојдневни во Европа, а уште поретки во Македонија. Имавме ретка можност да седнеме зад воланот на еден од најдобро позантите модерни примероци на Американскиот сон!

Сите знаеме за Ford Mustang, Dodge Charger, Chevy Corvette и легендарното Camaro. Тоа се возила кои изгледаат толку недостижни и далечни. Американската No-Replacement-For-Displacement филозофија е универзално прифатена како несоодветна за префинетите, Европски купувачи. Но сепак, има нешто толку привлечно кај овие автомобили – нивната едноставност и нивната моќ ни даваат надеж дека еден ден и ние можеме да поседуваме автомобил со голем број на коњски сили.

chevrolet-camaro-carclub-rear

Пред мене е Chevrolet Camaro SS со голем 6.2 литарски V8. Нема начин да се заобиколи таа бројка. Осум цилиндри, шест-запирка-два литри и (благодарение на дискретните модификации) преку 500 коњски сили! Мајко мила, ова е монструм. Жолтата боја совршено му прилега и веднаш потсетува на Bumblebee од новите Transformers филмови на Мајкл Беј. Во филмот изгледа некако помало, но пред мене Camaro изгледа навистина големо. Веќе почнува да ми влегува стравот во коски!

chevrolet-camaro-carclub-side

Гледан од сите можни агли, Camaro е совршена реализација на сето она што значи Americana. Големите тркала, агресивниот став и ретро-футуристичките детали му даваат на Camaro изглед како од филм. Всушност, така и изгледа – скоро сите ние Camaro сме виделе исклучиво на филм. Но еве го, пред мене, со големиот 6.2-литарски V8 скриен под поклопецот на моторот. Во ред, време е да се повозиме.

chevrolet-camaro-carclub-interior

Се спуштам во возачкото седиште и веднаш станува јасно дека ова е сериозен автомобил. Контролите се веќе некако познати – некои од деталите ги знаеме и од европските модели на Chevrolet, но и од моделите на Opel – очигледни се GM гените. Во внатрешноста не е тесно, но заради ниските странични прозорци и спортската линија е некако клаустрофобично. Го завртувам клучот и големиот V8 се буди како Голијат од некаков длабок сон. Вибрациите кои се пренесуваат во ентериерот веднаш даваат на знаење дека се работи за нешто сериозно. Ја притискам педалата за куплунг, ставам во прва брзина (да, „нашиот“ примерок дојде со рачен менувач) и забележувам дека одот на менувачот е краток, но тежок. Треба силен менувач за да го издржи тој мотор!

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Новиот Chevrolet Corvette доаѓа со средишно поставен V8 и 500 коњски сили!

chevrolet-camaro-carclub-rear2

Почнуваме да се движиме. За време на „нормално“ возење, внатре во кабината е тивко. Нема никаква драма. Да, контролите се поцврсти од вообичаено и воланот бара малку повеќе „машко“ вртење, но ова е нормален автомобил кој би можел да го возам до продавница. Во ред, време е за некаква промена. Спуштам во вториот степен на пренос и ја запознавам педалата за гас со патосникот под неа – и она што се случува може да се окарактеризира само како експлозија. Големиот, мрзлив V8 се буди и ги ослободува неколкуте стотици коњски сили и неколкуте стотици Nm вртежен момент. Се обидувам да најдам збор за да го опишам звукот, но не можам. Длабокиот бас се меша со „урлањето“ на моторот и издувниот систем а хоризонтот почнува некако побрзо да ми се доближува. Поминувам покрај пешаци – тие подскокнуваат од неочекуваниот звук. На еден човек му падна мобилниот телефон – навистина се извинувам – од автомобилот кој звучи како надоаѓачка бура! Големите тркала нудат одлична тракција и навистина е тешко да се испровоцира автомобилот да направи нешто неочекувано. Да, технологијата која е дел од него не е нова, но е сосем добро адаптирана за потребите. Ги разбирам оние кои се опседнати со овие автомобили!

chevrolet-camaro-carclub-front-side

Подлабоко ја притискам педалата за гас, одам степен погоре, забрзувањето продолжува а јас се забележувам самиот себеси како се смеам како 12-годишно девојче. Автомобилов предизвикува еуфорија. Нема друг начин да го опишам. Еуфорија и хистерија. Пробувам да уживам во секој миг поминат зад воланот и точно да го запомнам секое искуство.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Новиот Chevrolet Corvette доаѓа со средишно поставен V8 и 500 коњски сили!

Краткото возење завршува, а јас сè уште сум наежен. Излегувам од Camaro и рацете продолжуваат да ми се тресат а колената ми се некако несигурни. Тоа е ефектот на мускулестите автомобили. За потрошувачката не прашувајте, само ќе ве фати депресија. На крајот на краиштата, не е ни важна. Едвај чекам да им се пофалам на другарите што возев. Како беше она – ние машките остануваме деца, само играчките ни стануваат поголеми. Chevrolet Camaro е токму тоа – голема играчка за големи деца, а нам ни останува само да му се заблагодариме на сопственикот за несебичноста и довербата да ни дозволи да го повозиме овој прекрасен, моќен автомобил!

 

  • 6.2-литарски атмосферски V8 бензински мотор
  • Моќност: 432 коњски сили / 5900 вртежи во минута (стандардни)
  • Вртежен момент: 569 Nm / 4600 вртежи во минута (стандардни)
  • Максимална брзина: ~270 километри на час
  • Забрзување 0-100: 5.2 секунди (стандардни)
  • Должина: 4836 mm
  • Ширина: 1918 mm
  • Висина: 1377 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2852 mm
  • Багажен простор: /
  • Потрошувачка: Значителна

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.