full screen background image
Search

ТЕСТ: Mitsubishi SpaceStar 1.2 Intense – Опремен и подготвен за урбаниот живот!

Ова не е нашиот прв контакт со малиот Space Star на Mitsubishi – но сега поминавме неколку дена со малку помоќната и значително поопремената верзија од малиот градски штедливец!

Малите градски автомобили се вистински феномен во автомобилската индустрија. Треба да понудат простор кој сме навикнати да го очекуваме од автомобили кои се класа-две поголеми, треба да понудат адекватни градски перформанси, одлична маневрабилност, но и економичност, и сето тоа по цена која е повеќе од прифатлива.

mitsubishi-space-star-side

Сето ова ги прави малите градски автомобили интересна категорија – интересно е да се откриваат паметните решенија кои инженерите ги користат за да дојдат до еден ваков автомобил. Кога автомобилот ќе успее да направи комбинација од сите наведени карактеристики, тогаш навистина со задоволство можеме да го препорачаме како мал и практичен градски автомобил.

Ние веќе го возевме Space Star – минатиот пат неколку дена на располагање го имавме автомобилот со Inform ниво на опрема и 1-литарскиот 3-цилиндерски бензинец кој има на располагање 71 коњска сила. Иако имавме некои забелешки за тој модел, сепак малиот Јапонец со рекордерски гени имаше повеќе од доволно позитивни страни – пријатно нè изненади понудата на простор и економичниот мотор, иако не ни се допаднаа предолгите односи на брзините на менувачот кои го правеа забрзувањето летаргично и недоволно конкурентно за адекватно движење во градски услови. Ова се забелешки кои се надевавме дека ќе бидат „поправени“ кај верзијата со малку помоќен мотор – и очекувањата ни беа исполнети!

mitsubishi-space-star-outside-details

Овој пат неколку дена поминавме со малку помоќната и значително поопремена верзија. Навидум ист (тестните автомобили дури беа во истата зелена боја), разликите се забележливи во ентериерот. Гледан од надвор, Space Star изгледа несекојдневно на Европскиот пазар – Европските купувачи сакаат малку помодерен и поавантгарден дизајн дизајн. Сепак, со оглед на класата во која припаѓа и ценовниот ранг во кој се движи, немаме сериозни забелешки на изгледот на малиот автомобил. Можеби не е најмодерниот автомобил во класата, но сосема е доволно свеж за да биде забележлив, особено во некоја весела боја.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Mitsubishi го претстави освежениот Pajero Sport

mitsubishi-space-star-interior

Од друга страна, отворете ја вратата и ќе бидете изненадени од опременоста на автомобилот. За автомобил од оваа класа, детали како кожен управувач и менувач, радио со USB и Bluetooth, команди на воланот, возачко седиште кое се нагодува по висина, автоматски клима уред, електрика на сите прозорци, автоматскит светла и бришачи, старт/стоп систем па и Keyless систем за влегување во автомобилот и негово стартување се навистина несекојдневни. Овие детали го прават Space Star особено привлечен и го издигнуваат на пиедестал на опременст од кој тешко дека некој од конкурентите ќе успее да го симне.

mitsubishi-space-star-interior2

На предните седишта има сосем доволно простор и комфор за возачот и совозачот, а на задната клупа има доволно простор за двајцата патници кои таму би седеле. Во „шкрипец“ може да се сместат и тројца, но би препорачале тоа патување да биде навистина кратко. На располагање ќе имаат вкупно 235 литри багажен простор, што е во рамките на просекот на класата.

mitsubishi-space-star-interior3

Моторот кој кај овој тестен модел имаше зафатнина од 1.2 литри нуди 80 коњски сили при 6000 вртежи и 106 Nm вртежен момент при 4000 вртежи во минута – доволни за постигнување 100 километри на час за 11.7 секунди и максимална брзина (која не се потрудивме да ја потврдиме) од 180 километри на час. Пријатно бевме изненадени од малку изменетиот однос на брзините на менувачот, па со овој мотор и менувач движењето низ град е значително полесно, без големи пенали во однос на потрошувачата – ние измеривме потрошувачка од околу 6 литри на 100 километри.

mitsubishi-space-star-side-front

Кога на подобрениот мотор, дарежливата опрема и јапонскиот квалитет ќе се додадат и системите за активна и пасивна безбедност во форма на ABS, TCS, EBD и ESP системи, како и многуте воздушни перници, повторно се наметнува сликата за целосно опремен и комплетен автомобил. Исто како што заклучивме и минатиот пат – доколку купувачите се подготвени на некои компромиси (кои овој пат се значително намалени заради богатата опрема), тогаш навистина е тешко и погрешно да се заобиколи Space Star. Обично не ја коментираме цената на автомобилите, но овој пат мораме да кажеме дека односот вложено/добиено е навистина на страната на малиот Јапонец!

  • 1.2 литарски атмосферски бензински мотор, 3 цилиндри
  • Моќност: 80 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 106 Nm / 5000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 180 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.7 секунди
  • Должина: 3710 mm
  • Ширина: 1665 mm
  • Висина: 1490 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2450 mm
  • Багажен простор: 235 литри
  • Потрошувачка: 4.8 (официјална, градска), 6.0 (измерена, градска)
  • Mitsubishi Space Star 1.2 DOHC Mivec Интенсе – 8.990 Евра
Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Mitsubishi го претстави освежениот Pajero Sport

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.