Datsun mi-DO претставен во Русија, ќе биде Nissan-овата алтернатива на Dacia! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Datsun mi-DO претставен во Русија, ќе биде Nissan-овата алтернатива на Dacia!

Брендот Datsun е во срцата на многу вљубеници во автомобилите, а неодамнешното воскреснување на името како бренд за буџет автомобили малку ги збуни оние кои очекуваа спортска дивизија на Nissan.

Решението да се воскресне Datsun како Nissan-ова алтернатива на Dacia е малку неочекувано. Многумина очекуваа Nissan да го воздигне Datsun како бренд со спортски претензии и да евоцира спомени на легендарниот 240Z и неговите наследници. Сепак, Datsun веќе континуирано ја проширува својата понуда на евтини возила за растечките пазари. Веќе се претсатавени Go моделот за Индија, Go+ миниванот во Индонезија и On-Do седанот во Русија. Токму Русија е местото каде ќе се продава и хечбек изведбата на On-Do – која ќе го носи името mi-DO.

Чудното име и несекојдневниот начин на неговото пишување настрана, ова е компактен хечбек со пет врати кој Datsun го опишува како „практичен, но спортски“. Храбро од нивна страна, со оглед на тоа дека под поклопецот на моторот се крие 1.6-литарски бензинец кој испорачува 87 коњски  сили, а моќта ја пренесува кон предните тркала преку 5-степен мануелен или 4-степен автоматски менувач. Ако започнеме да ја прегледуваме опремата, ќе видиме дека има две воздушни перници и ABS, но со оглед на тоа дека автомобилот е наменет примарно за Рускиот пазар, интересно е што стандардно ќе се нуди со грејачи на ретровизорите, но и седиштата.

Дали можеби овој автомобил ќе го видиме и на Европскиот пазар? Сега за сега, нема никакви индикации дека тоа би се случило, но би било интересно да видиме дали Datsun би можел да канибализира од продажбата на Dacia.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.