full screen background image
Search

Иџе се подготвува за трката во Швајцарија, можно е викендов да се врати со европската титула!

Доколку овој викенд Иџе победи или биде втор во групата Н, ќе ја обезбеди европската круна во Категорија 1 на две трки пред крајот на Европското првенство на ридски патеки!

Десеттата трка од Европскиот шампионат на ридски патеки којашто се вози во Швајцарција на патеката Cote St.Ursanne – Les Rangiers ќе биде првата од трите историски шанси македонската гордост Игор Стефановски Иџе да ја освои Европската шампионската титула во Категорија 1. На три трки пред крајот од шампионатот Иџе има убедлива предност во генералниот пласман со 45,5 бода предност пред Јаромир Мали и 59 поени пред Јиржи Лос. Математиката е јасна. Доколку во Швајцарија Иџе го освои првото или второто место во неговата група Н, без оглед на пласманот на Мали и на Лос, ќе има недостижна бодовна предност и последните две трки ќе бидат формалност. Но, и ако резултатот не биде посакуваниот, Иџе ќе има уште две шанси до крајот на шампионатот на трките во Словенија и Хрватска.

– Се обидувам да се фокусирам само на трката во Швајцарија, а не на шампионската титула. Сепак, јасно ми е дека големата цел е на дофат и сето тоа прави дополнителен притисок пред оваа трка. Истото го чувствував и на претходната трка во Германија и искрено, тоа ми беше контрапродуктивно во текот на целиот викенд – вели Иџе.

Со шест победи во групата Н во деветте досега одржани трки од ЕП, Иџе и неговиот Mitsubishi Lancer Evo IX се фаворити за уште една победа во Швајцарија. Сепак, низата технички проблеми што го следеа Стефановски во текот на средината на сезоната не му оставаат мир пред следниот настап.

Поврзано:   Renault, Nissan и Mitsubishi ја претставија својата нова глобална стратегија - каде ефикасноста го има главниот збор!

– Паузата од три недели во шампионатот ја искористивме за целосно да го провериме возилото. Засега се е во ред, но во овој спорт никогаш не се знае. Токму тоа ми е најголемата грижа затоа што некако проблемите ни се заредија во последниве два месеци. Најважно е возилото да е во најдобар ред, да немаме никаков дефект и дополнителен ангажман. Тоа ми е и најголемата желба за оваа трка – додаде Иџе.

Трката во Швајцарија е најбрза од сите 12 во шампионатот, а и таа, како и останатите, е непозната за македонскиот возач. Патеката е долга е 5.169 метри, се возат три трки, а за пласман се сметаат најдобрите две времиња.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.