Dodge Charger SRT Hellcat – Најбрзиот седан на светот – 707 коњски сили, 3.7 секунди до 100 и 328 километри на час! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Dodge Charger SRT Hellcat – Најбрзиот седан на светот – 707 коњски сили, 3.7 секунди до 100 и 328 километри на час!

Луѓето од Dodge се горди на новиот Charger SRT Hellcat – а имаат и зошто да бидат! Благодарение на големиот, компресорски, 6.2-литарски V8 HEMI, големиот седан има монструозни перформанси!

Американците не прават ништо мало. Поточно, работите кои ги прават добро, ги прават големи. Токму таа е приказната и со Dodge Charger SRT Hellcat. Во предниот дел на автомобилот е набиен истиот, голем 6.2-литарски компресорски V8 Hemi мотор кој се вградува во Challenger Hellcat и ги испрачува истите 707 коњски сили и 880 Nm вртежен момент. Силата се пренесува кон задните тркала  преку 8-степен автоматски менувач кој менува брзини за само 160 милисекунди.

Преведено во перформанси, тоа значи забрзување до 100 километри на час за само 3.7 секунди и максимална брзина од 328 километри на час! Дополнително, со автомобилот ќе добиете и уште еден клуч кој го ограничува моторот на „само“ 500 коњски сили и ги заклучува сите системи за стабилност и безбедност – овој клуч е наменет за ако треба да му го позајмите автомобилот на некој со помалку искуство или пак ако треба да го дадете на некого да го паркира.

Купувачите на Charger SRT Hellcat ќе добијат и големи, 390-милиметарски кочници на Brembo, 20-инчни тркала обвиени во 275/40ZR-20 Pirelli P Zero гуми и адаптивна суспензија. Уникатен е и поклопецот на моторот со издигнатиот среден дел, како и браниците, задниот дифузер и задниот спојлер. Во внатрешноста купувачите ќе добијат спортски седишта, уникатни детали и спортски волан со лопатки за менување брзини.

Продажбата ќе започне во првата четвртина на следната година. Нема информации дали ќе биде достапен и во други бои, или ќе се нуди само во оваа Stormtrooper бела боја.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.