full screen background image
Search

Volvo ги презентираше безбедносните системи на новиот XC90!

Премиерата на новото XC90 е закажана за следниот месец, но Volvo веќе откри многу детали за безбедносните системи кои ќе бидат дел од новото SUV.

Шведскиот производител ветува дека ова ќе биде „еден од најбезбедните автомобили во светот“. XC90 ќе биде првиот автомобил во светот кој ќе нуди заштита од несакано излетување од патот. Автомобилот автоматски ќе реагира доколку забележи несреќа која предизвикала автомобилот да го напушти асфалтот и ќе ги затегне безбедносните појаси со цел да ги заштити патниците и да ги задржи во саканата положба. Појасите ќе останат затегнати сè додека автомобилот целосно не запре. Системот наречен Safe Positioning ќе се потруди да ги намали или елиминира повредите во регионот на кичмата со намалување на вертикалните сили до 33% со апсорбирање на енергијата која се ослободува.

Дел од понудата ќе бидеи Lane Keeping Aid кој ќе реагира доколку забележи несакано напуштање на лентата на движење. Тука е и Driver Alert Control системот кој ќе детектира доколку возачот е невнимателен или уморен, па во соработка со Rest Stop Guidance системот ќе го информира возачот за најблиското место за одмор.

Новитет е автоматското кочење кое ќе се активира на раскрсници доколку возачот заврти во насока на надоаѓачко возило. Системот може да детектира потенцијална незгода и автоматски ќе закочи за да избегне судар. Листата на системи ја надополнуваат и оние за препознавање знаци, следење на слепата точка како и систем за возење во метеж кој автоматски ќе забрза, закочи и ќе го управува автомобилот воден по тој пред него. Volvo веќе зборуваше за некои од овие системи, и најави дека возилото ќе има и систем за препознавање на пешаци. Дел од веќе-потврдената опрема е и 360-степенската  камера, и уште неколку други корисни системи.

Поврзано:   Volvo исфрли автомобили од 30 метри висина во името на науката



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.