Премиера: Mercedes-Benz S65 AMG Coupe – Ултимативното луксузно купе со 630 коњски сили ќе чини 244.000 евра! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Mercedes-Benz S65 AMG Coupe – Ултимативното луксузно купе со 630 коњски сили ќе чини 244.000 евра!

Mercedes-Benz ги тргна покривките од моќното S63 AMG Coupe кое благодарение на 6-литарскиот твин-турбо V12 има на располагање 630 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент!

Визуелно, нема голема разлика меѓу S65 AMG Coupe и S63 AMG Coupe кое е придвижувано од V8 мотор. Суптилните разлики вклучуваат посјајна мрежа за предната маска и отворите за воздух, жолти шепи на кочниците наместо црвени, различни тркала, поизразен заден дифузер и задолжителните „V12 BITURBO“ значки. Воздржаниот дизајн на големото купе е во согласност со тековните трендови на Mercedes-Benz.

Она што е најважно е – секако – моторот! Под поклопецот се наоѓа голем огромен 6-литарски твин-турбо V12 мотор (истиот што се добива и кај S65 AMG лимузината) кој испорачува 630 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент. Благодарение на овој мотор, големото купе забрзува до 100 километри на час за 4.1 секунда (0.2 секунди побрзо од S63 AMG Coupe) и ќе продолжи незауздано да забрзува до електронски ограничените 250 километри на час. Интересно, во Соединетите Американски Држави електронското ограничување е подигнато на 299 километри на час.

Моќта се пренесува кон задните тркала преку AMG SPEEDSHIFT PLUS 7G-Tronic автоматскиот менувач, а тука е и Magic Body Control суспензијата со функција за контра-навалување во кривини. Автомобилот е поставен на 20-инчни тркала замотани во 255/40/R20 гуми напред и широки 285/35/R20 гуми позади. Доколку сметате дека треба да потрошите уште повеќе пари, можете да нарачате и керамички кочници кои се 20% полесни.

Доколку живеете во Германија, веќе можете да го нарачате S65 AMG, а ќе го добиете на крајот на Септември. Само треба да имате подготвени 244.009,50 евра за задоволството. Баш не интересира за што се тие 9.50 евра!

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG PureSpeed е специјален, супер-лимитиран роудстер со инспирација од F1


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.