Иџе подготвен за исцрпувачки викенд во Италија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Иџе подготвен за исцрпувачки викенд во Италија!

Најдобриот македонски возач не ја познава патеката во Асколи, а голем хендикеп е што по поправката моторот не е разработен, но Иџе е подготвен за предизвикот!

Најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски – Иџе, викендов во Италија, ќе настапи на седмата трка од Европското првенство на ридски патеки. Водечкиот во генералниот пласман не ги крие амбициите и на крајот од сезоната да биде на првото место, каде што се наоѓа по половина од сезоната, но освен со противниците мора да излезе на крај и со големиот број на малери. По судирот во Чешка, во Полска му откажа моторот, а трката во Италија ја дочекува без разработена машина, што може да биде пресудно во битката за висок пласман.

– Во Полска направивме детален преглед на возилото. Направена е нова мапа на електорниката на моторот и дополнително се сменети уште некои делови. Се надевам дека се ќе мине во најдобар ред, иако голем хендикеп е што моторот треба да се разработи. Ние сме во временски цајтнот и се надеваме дека моторот ќе функционира како што треба. Инаку, во сервисот се чудеа и не можеа да утврдат зошто дојде до дефект на минатата трка бидејќи сите елементи и параметри на работење се во најдобар ред – изјави популарниот Иџе.

Трката во Италија е на патеката Асколи Теодори, со должина од 5.031 километри, а рекордот го држи домашниот натпреварувач Фаџоли кој во 2011 година низ целта помина со време од 2.10.960 минути. Македонскиот ас за прв пат ќе вози во Асколи и проблем е што воопшто не ја познава патеката.

– Поправките на возилото ни одзедоа многу време, постојано сме на пат и патеката ќе ја учам на лице место. Уморни сме и ненаспани од брзање да стигнеме во Италија и да ја разгледаме конфигурацијата на патеката, по што ќе решиме каков сетап ќе примениме на возилото. Ова ќе биде исцрпувачки викенд за нас бидејќи не знаеме ни како ќе функционира моторот, а ни какви предизвици ни носи патеката – додаде Стефановски.

Во генералниот пласман, Иџе има вкупно 118 (од 125 можни), а неговиот лут ривал во групата Н, Јири Лос досега освои 94 поени. Зад нив се претставниците од групата А, Кристијан Швајгер од Австрија и Јаромир Мали од Чешка.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.