full screen background image
Search

Претставен фејслифтираниот Focus ST со освежен дизајн и дизел мотор!

По најавата пред неколку дена, Ford и официјално го претстави освежениот Focus ST кој за прв пат покрај бензинскиот, ќе се нуди и со дизел мотор!

Автомобилот ја следи насоката која веќе ја знаеме од фејслифтот кај „цивилната“ изведба, а освежениот Focus е еден од ретките автомобили кои ни се допаѓа како изгледаат и по фејслифтот. Покрај изменетите предни светла, автомобилот добива и нови светла за магла, нови браници, нов поклопец на моторот како и нови 18-инчни тркала. Купувачите ќе можат да нарачаат и уште поголеми, 19-инчни тркала.

Како и екстериерот, и ентериерот добива дискретни измени – управувачот со рамно дно е нов, како и редизајнираната централна конзола и контроли за клима уредот.

ford-focus-st-facelift-interior

Сепак, она што највеќе ги интересира купувачите се крие под поклопецот на моторот – за прв пат Focus ST ќе се нуди со два мотори. Едниот веќе го знаеме – 2-литарскиот EcoBoost е истиот од порано и испорачува 250 коњски сили и 360 Nm вртежен момент. Благодарение на овој мотор забрзувањето „до стотка“ трае 6.5 секунди а максималната брзина изнесува 247 километри на час. Благодарение на новиот старт/стоп систем автомобилот има просечна потрошувачка од само 6.8 литри на 100 километри, и емисија на CO2 од само 158 грама на изминат километар. Сепак, да бидеме реални, ниту еден возач нема да може да дојде блиску до таа потрошувачка во реални услови на возење.

ford-focus-st-facelift-2

Она што е вистински новитет е дизелскиот мотор кој сега ќе се нуди кај Focus ST. Тука зборуваме за 2-литарски TDCi дизелски агрегат кој испорачува 185 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Опремен со овој мотор, Focus ST Diesel забрзува до 100 километри на час за 8.1 секунда и постигнува максимална брзина од 217 километри на час. Оние кои ќе го изберат ST Diesel можат да очекуваат потрошувачка од 4.4 литри на 100 километри и емисија на CO2 од само 114 грама на изминат километар.

Поврзано:   Ford Mondeo ги заменува сите бензински со една хибридна верзија

ford-focus-st-facelift-rear

Фејслифтираниот Focus ST ќе добие и малку изменета суспензија со нови предни пружини и уште поспортски амортизери. Серво-уредот исто така ќе добие рекалибрација со нов систем за контролирање на вртежниот момент и нов Electronic Transitional Stability систем кој интервенира кога е потребно да се задржи прецизноста при нагло менување на насоката на движење при високи брзини.

Нарачките за новиот Focus ST ќе започнат оваа есен, а првите модели ќе стигнат кај своите сопственици на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.